„Натура“ е насловот на изложбата на уметницата Тамара Забазноска која ќе биде отворена вечер во 20 часот во Галерија МКЦ.
-Поттикната од тајните што ги содржи природата во корелација со новите научни истражувања, опусот кој би го претставила е базиран врз науката и знаењата, насловен „Натура“ – љубовта кон природата во сите нејзини манифестации, од најмалиот организам до црвениот гигант кој лебди во универзумот и хистологијата на човекот. Со „Натура“ доаѓа љубопитноста, поривот да се истражат и откријат местата каде што човекот се среќава преку природата со себе. И додека ги користиме сетилата за да изразиме делови од нас што се скриени, така може да користиме и различни елементи за да го направиме видлив оној дел од природниот невидлив свет, вели авторката на поставката.
Тамара Забазноска дипломирала на Архитектонскиот Факултет во 2011 година и има два магистерски труда. Натура е трета нејзина самостојна изложба Во Flux галерија, во Скопје. Добитник е на наградата „13 Ноември“ што ја доделува Друштвото на ликовни уметници на Македонија.