Оваа година, се одржува третата по ред литературна манифестација „Стихувалки 2020“. Локацијата е во паркот пред Културно информативниот центар во Скопје, на отворено, со дистанца меѓу посетителите и заштитни маски на посетителите, учесниците и организаторите. Почнува во 18 часот.
– Фестивалот на поезијата за деца „Стихувалки 2020“, оваа година по трет пат се реализира како литературна манифестација која има првенствена цел да придонесе за книжевниот и културниот развој кај нас, по пат на поттикнување на креативниот и творечкиот потенцијал на поетите кои пишуваат поезија за деца, соопштија од КИЦ.
На завршната манифестација, како што посочуваат, ќе биде промовирана збирката со поетски творби „Стихувалки 2020“, во која се објавени имињата на 80 автори и нивните поетски творби од вкупно пристигнати 150 апликации. Автор на проектот и програмски уредник е Ели Маказлиева, која на свеченоста ќе говори за значењето на овој проект. Настанот ќе се пренесува и во живо на фејсбук страната на КИЦ-Скопје.