Владата често гради патишта со соопштенија, а ретко со машини

Веќе не се добројуваат патиштата кои се започнати да се градат низ Македонија, но никако да се завршат со години. Објаснувања дека се ќе биде во ред власта ни праќа преку редовни соопштенија…

 Едната делница ќе биде готова во август, друга до крајот на годината, автопатот ќе биде готов за една-две години, ќе ја прошириме, ќе ја реконструираме ова и она делница… Вакви километарски рефрени искажани од министри често слуша македонската јавност. Министри, директори на државното претпријатие за патишта, па и премиери се сликаат покрај градежни машини, најавуваа почеток на работите, даваа оптимистички изјави, праќаа соопштенија…

И кога ќе се помисли дека работите ќе тргнат излегува дека има некој застој, па проблем на теренот, во проектот, па корекции, па фирмите не работат како што треба, па не се почитуваат рокови…

Пред повеќе месеци актуелниот министер за транспорт Благој Бочварски беше категоричен околу изградбата на една делница на автопатот Кичево – Охрид.

-Десната лента од Требениште кон Охрид треба да биде пуштена за сообраќај на почетокот на август, додека левата лента до крајот на годината, најави тој во мај годинава.

Помина и август, поминува и септември, а делницата не е пуштена. Имало проблеми и дополнитлени, непредвидливи, работи на теренот по што е неизвесно кога ќе се заврши ова парче на овој автопат кој требаше да биде завршен во 2018 година, односно, пред пет години!?

И на крајот на реконструкцијата на делницата од Катланово до Петровец не и се гледа крајот. Започната е пред две години и беше предвидено да се обноват две делници долги по пет километри, но и тоа не се завршува. Сега се бара нов изведувач за да го заврши оставеното од претходниот…

-Автопатиштата неоправдано се градат многу бавно, а причина за тоа треба првенствено да се бара во провизиите кои некој ги зема. А потоа е во прашање неспособноста на Владата. Вака ќе се однесуваат се додека некој не се казни остро, смета Зоран Младенов.

Но се чини надлежните не се потресуваат многу околу сите доцнења со изградбите. Наместо забрзување на работите кои се во застој, се даваат нови ветувања и соопштенија. Така, јавноста неодамна ја слушна и најавата дека в година ќе почне да се работи на делницата Тетово – Гостивар, Гостивар – Кичево, Требениште – Струга – Ќафасан, како и на патот Битола – Прилеп.  Излегува дека автопатиштата многу брзо се градат со соопштенија, но не и кога се во прашање работите на терен каде градежните машини брзо се закочуваат. И Маце Василевски смета дека причините за тоа треба да се бараат во нечесните дејанија.

-За бавната изградба има еден и единствен проблем – корупција, смета овој граѓанин.

До сега не се случило да се покрене сериозна истрага зошто доцнат ваквите градби? Наместо тоа, очигледно дека е полесно да се даваат нови километри на најави и изјави за градба на автопатиштата, а во реалноста сето тоа да се претвори во стопиран проект за кој само се трупаат и плаќаат камати за земените кредити. Но и за тоа ќе најдат оправдание и ќе ни го кажат преку соопштение.

За застоите во градбата на автопатот Скопје – Блаце вината се најде и во Руси

И првата делница од градбата на автопатот Скопје – Блаце, долга само два километра никако да се заврши. Требаше да биде завршена до средина на оваа година но сега ќе се протегне и во следната. Надлежните се правдаат дека имало проблеми со експропријацијата на земјиштето, а деновиве се најде и оправдување во фирмата која што го добила тендер за надзор на градбата имала руски капитал и не приложила банкарска гаранција од 2,7 милиони евра… .

Едноставно, сите им се виновни, само тие се добрите и градителите.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Аферата „Броило“ ќе открие фирми блиски до власта кои правеле милиони во време на кризи
Следна вестМОН: Документите за студентска стипендија да се доставуваат од 1 до 30 октомври