Намерата на власта да ја даде под концесија на странци градбата на хидроцентралата „Чебрен“ подолго ја бранува македонската јавност. Има многу неодговорени прашања од Владата, а кои логично се наметнуваат.
Прашањата околу тоа зошто на локацијата на идната хидроелектрана морала да се прави толку висока брана од цели 190 метри, зошто не се избрала пониска варијанта според одбиениот француски проект кој е поевтин; зошто мора се отстапи-подари на странците ХЕЦ „Тиквеш“… не се единствени коишто се поставуваат околу најавената градба на големиот хидроенергетски проект „Чебрен“.
Дилемите и прашањата што се е содржано во договорот со кој на грчкиот инвеститор ќе му се даде концесија на браната, водата, производство… во следни 60 години, се умножуваат.
Од страна на енергетските експерти кои се упатени во проектот кој е одбран, се поставуваат нови прашања кои поставуваат уште поголеми дилеми околу оправданоста на изборот. По аргументираните наводи на енергетски експерти дека само со тоа што ќе ја добие ХЕЦ „Тиквеш“ во владеење во следни шест децении грчката фирма ќе има прихот од најмалку 2,4 милијарди евра; дека не било потребно да се гради толку голема брана бидејќи околу 60-65 проценти од водата ќе биде „мртва“ поради конфигурацијата на теренот; сега се наметнува и дилемата – што всушност Македонија како држава ќе ползува од овој проект?
Владините претставници во изминатиов период објаснуваа дека нашата држава преку ЕСМ ќе има 33-процентна сопственост во идната заедничка компанија со грчкиот инвеститор. Но, што всушност, тоа значи?
Околу оваа дилема деновиве зборуваше енергетскиот експерт и универзитетски професор Атанаско Тунески, кој е поранешен директор на МЕПСО и поранешен член на Регулаторна комисија за енергетика. Тој на ТВ „Алфа“, објасни дека се работи за сопственост во новата компанија врз основа на која како држава ќе добиваме приход од профитот што ќе го оставарува компанијата по основа на продажбата на струјата на светските берзи.
-Се вели дека ние ќе имаме 33 отсто во таа нова компанија. Не, ние нема да имаме и добиваме 33 проценти од струјата што ќе ја прават „Чебрен“ и ХЕЦ „Тиквеш“ којашто ќе им ја отстапиме, туку ќе добиваме 33 проценти од ќарот што ќе го има на крајот. А знаеме дека тој ќар ќе биде помал отколку што би бил доколку би добивале струја. Што е ќарот? Тоа е сиот приход и сиот расход. А расходот, сигурно, толку ќе се зголемува што на крајот ние наместо 33 проценти ќе добиваме 15, 20, 25 отсто…, тврди Тунески.
Тој посебно укажува на опасноста дека преку различни книговодствени и други постапки како да речеме нарачка од сопствениците на некоја непотребна студија ќе се плати со милиони евра и ќе се зголемат расходите.
На крај ќе се случи дека ќарот во работењето не е голем и дека може да се случи ние да испаднеме дури и во зијан, предупредува Тунески.
Дали навистина во договорот не е предвидено Македонија да добива 33 проценти од електричната енергија?
На ова одговор треба да даде власта пред да го верификува договорот. Македонските интереси треба да бидат заштитени. Не е добро да се остави големо бреме дури и на идните генерации кои уште не се родени, оти објектот ќе се гради минимум 10 години, а потоа 60 години ќе остане во странски раце.



