Леб нема ни денеска, Владата ги обврза пекарниците и трговците да произведуваат и продаваат леб по замрзната цена

Одлука со која се обврзуваат пекарниците и трговците да произведуваат и продаваат бел и полубел леб по замрзната цена вчера донела Владата. Министерот за економија Крешник Бектеши на својот профил на Фејсбук објави дека пекарниците се обврзани да произведуваат бел и полубел во количина од најмалку 80 отсто од производството на овој леб во месец декември 2022 година. Трговците на мало кои продаваат леб, пак, имаат обврска во структурата на дневната набавка на сите видови леб, да имаат најмалку 80 отсто од лебот со замрзнатата цена. Одлуката е објавена и  во Службен весник  број 46 со вчерашен датум.

Бектеши напиша дека со новата одлука на владата „секој производ ќе го има, и тоа со фер цена“.

Во одлуката на Владата стои: „Со оваа одлука се определува обврска на трговците кои претставуваат правни и физички лица кои се регистрирани за вршење трговска дејност во соодветен регистар согласно закон, како и трговците кои претставуваат правни и физички лица за вршење производство кои своите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехранбени производи, да прибавуваат и/или продаваат леб бел и полубел“.

Во вториот член на одлуката се определува дека треба да се произведува најмалку 80 отсто од лебот кој треба да се продава по замрзната цена.

-Трговците кои претставуваат правни и физички лица кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно закон, имаат обврска во структурата на дневната набавка на сите видови леб, да прибавуваат и продаваат најмалку 80 отсто од лебот од членот 1 од оваа одлука, се додава во одлуката.

Дообјаснување се дава во вториот став од членот 2.

-Трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење на производство кои своите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехранбени производи, имаат обврска да го произведуваат и ставаат во промет лебот од членот 1 од оваа одлука во количина од најмалку 80 отсто од производството на овој леб во декември 2022 година, се посочува во одлуката.

На крајот, стои и обврската за плаќање на фактурата во определен рок: „Трговците од членот 2 став 1 од оваа одлука, за испорачаниот леб од член 2 од оваа одлука, на производителот на лебот треба да му платат најдоцна во рок од 20 дена од приемот на фактурата за испорачаниот леб“.

Инаку, и утрово по поголемите маркети немаше достави на леб и гондолите наменети за овој основен прехранбен производ беа празни. Граѓаните се упатуваа кон помали пекарници коишто не запреа да произведуваат и да го продаваат лебот.

Во текот на денов се очекува да биде соопштен ставот на пекарите по синоќешната Одлука за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед.

-Денеска во Стопанската комора ќе има прес-конференција на која ќе го соопштиме ставот, велат за МИА утрово претставници од пекарската индустрија.

Претходна вестОблачно и дождливо, температури до 13 степени
Следна вестНови насоки за безбедноста на учениците, по дојавите за бомби ќе се преземаат мерки