Владата се подзамисли за мерките на Филипче, ќе смени нешто или само ја одложи одлуката?

Засега нема да има нови мерки во борба со вирусот. Имено, наместо одлука за новите мерки кои и беа предложени од Комисијата за заразни заборувања и министерот Филипче – Владата реши да побара дополнителни анализи и мерки за стимулирање на вакцинацијата.

Владата заклучи да побара од Комисијата за заразни болести дополнителни анализи и компаративни студии за предложените мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик на масовната вакцинација, се наведува во синоќешното соопштение на Владата.

За потсетување: Пред министрите беше предлогот на Комисијата за заразни заболувања сите вработени во јавниот сектор, кои во иднина за да дојдат на работа ќе мора да имаат или потврда за најмалку една примена вакцина, негативен ПСР тест, кој не е постар од 72 часа или потврда за прележан ковид, која што не е постара од 45 дена. Друга мерка која се предлага е задолжителна вакцинација за сите вработени во здравството.

Во насока на поттик за масовна вакцинација, Владата ги задолжи сите министерства, јавните претпријатија, акционерските друштва и агенциите во државна сопственост, да спроведат скрининг за да се утврди процентот на вакцинирани во државната и јавната администрација, како и да ги утврдат можностите за стимулација за поголем до целосен опфат со вакцинацијата, како и правната основа за рестрикции на правото на дежурства, прекувремена работа, службени патувања и други опции за дополнителни приходи за вработените во јавната администрација, се вели во соопштението на Владата.

Инаку, до ваква одлука дојде откако предлогот на Комисијата за заразни болесни и на Филипче наиде на големи отпори и реакции во јавноста. Реагираа медицински и правни експерти, како и бројни синдикални организации. Микробиологот Никола Пановски неодамна изјави дека предложените мерки немаат здравствена логика.

-Лудите мерки не признаваат антитела. Јас ќе одам како сведок на суд да кажам дека тоа што го прават е лудост. Човек три пати дарувал крвна плазма признание има за тоа, но бидејќи не е вакциниран нема да може да оди на работа. А на пример вакцината може да му направи многу штета, има многу антитела, не му е потребна медицински. Светот побудале и ние сите луди мерки од светот ги прифаќаме, паметните не баш. Овие мерки не се ни уставни, ни законски и не можам да прифатам луѓе со висок број на антитела, прележани, дарители на крвна плазма кој спасуваат животи да не можат да одат на работа, да се тераат да се вакцинираат. Не се работи за антиваксери се работи за луѓе кои имаат имунитет, во цел свет имунитетот трае 9 месеци, 12 месеци, вели Пановски.

Реагираше и епидемиологот Драган Даниловски кој оцени дека новите мерки немаат никаква епидемиолошка смисла.

– Веќе на сите им е одамна јасно: една доза е исто како и ниедна во однос на заштитата од заразување со коронавирусот. Очигледно е дека мотивот зад оваа препорака е да се поттикне вакцинацијата, но ваквата мерка нема никаков противепидемиски ефект, потенцираше д-р Даниловски.

Од друга страна, вонреден професор по трудово право на скопскиот правен факултет Лазар Јовевски изјави дека мерките се неуставни.

Предложените мерки се спротивни пред сè со Уставот на Република Македонија како и со низа закони и меѓународни конвенции кои Македонија ги има ратификувано. Во нашиот Устав се загарантирани основните човекови права, и тоа во член 9 се гарантира еднаквоста на граѓаните пред Уставот и  а Резолуцијата 2361 на Советот на Европа во точка 7.3.1 вели дека граѓаните треба да бидат информирани дека вакцинацијата против Ковид 19 не е задолжителна и дека никој не смее да биде под политички, социјален или друг вид на притисок за да се вакцинира ако тоа не сака да го направи, рече тој.

Владата сега ќе чека нови анализи. Колку од укажаното ќе прифати не е познато. Но веќе се отвораат прашањата – дали треба мерките да бидат усмерени само кон вакцинацијата и невакционираните или треба да има и друг тип на мерки кои се сеопфатни? И прашањето – дали не е време во Комисијата да влезат и други македонски доктори кои ќе дадат нов импулс во борбата со вирусот?

Претходна вестПретрес во Охрид, пронајдена дрога, приведени две лица
Следна вестДали „Алтернатива“ ќе влезе во Владата за која велеше дека е нелегитимна?