ВМРО-ДПМНЕ: Да не трагично, ќе биде смешно – снегот ги изненади градските власти

Скопскиот татко Шилегов фрли над милион евра за ниту еден булевар низ главниот град да не биде исчистен, да не зборуваме за споредните улици, каде што скопјани беа приморани сами да си го чистат снегот за да стасаат до својот дом, реагираат утрово од ВМРО-ДПМНЕ за состојбата во главниот град.

Од опозициската партија обвинија дека големиот број сообраќајни несреќи, заглавени возила за кои граѓаните објавуваа слики по социјалните мрежи поради нерасчистените улици и булевари се „сведок за незаинтересираност на најнеработливите градоначалници, како во Скопје така и низ цела Македонија“.

-Да не беше трагично ќе беше смешно, среде зима во февруари месец локалната власт, но и јавното претпријатие „Македонија пат“ ги изненади снегот, велат од ВМРО-ДМНЕ и посочуваат на изјавата на министерот за транспорт Благој Бочварски од пред два дена дека се спремни за лошите временски услови.

Вчеравечер, на социјалните мрежи беа објавени повеќе фотографии за состојбата на улиците во главниот град, но најмногу реакции имаше од Општина Карпош, во делот на Трнодол и Жданец, каде жителите алармираа дека не можат да се искачат по угорниците, па дури и дека настанал карамбол од неколку автомобили кои се лизгале надолу.

За ова тие бараа објаснување од градоначалникот Стефан Богоев за емулзијата која тој самиот претходно објави дека е испрскана на улиците, а која според жителите дополнително ја влошила состојбата.

Претходна вестНе патувајте ако немате голема потреба: На патиштата има остатоци од снег и мраз, забрани за товарни возила
Следна вестНавредливо е да гледаш балкански турбо-фолк канали со „женско месо“