ВМРО-ДПМНЕ: Отровен зеленчук е увезен од Албанија во Македонија

Камиони со отровен зеленчук се влезени во Македонија и пуштени во промет, вели претседателот на комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство од ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски. Наместо да се грижат за тоа каква храна јадат граѓаните, Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство (МЗШВ) и Љупчо Николовски дозволуваат увоз на зеленчук со големо ниво на пестициди од дозволеното, обвини на прес-конференција Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство во ВМРО-ДПМНЕ.

– Откако го урнисаа македонското земјоделство и го направија увозно зависно, почнаа да увезуваат отровен зеленчук од соседството. До мене стигнаа документи од анализи на Државната фитосанитарна лабораторија при увоз на зеленчук во Македонија од Албанија, од кои се гледа присуство на пестициди повеќе од дозволеното.Тоа се документи од МЗШВ, од државната фитосанитарна лабораторија, со документ и печат на институцијата заведени со број 10802-409/2 и 10802-372/2, од кои јасно се гледа дека Државната фитосанитарна лабораторија направила анализа на увезена крставица и домат за утврдување на присуство на пестициди. Наодот од анализата утврдува присуство на пестициди над дозволената граница. Според наши сознанија неколку камиони со отровен зеленчук се влезени во Македонија и пуштени во промет, вели Трипуновски.

Тој додава дека Јавното обвинителсто мора веднаш да реагира.

– Немаме време за комисии, работни тела и инспекции, потребни се итни мерки, брзи истраги и одговорност. Овој штетен зеленчук може да завршил на пазарите во Скопје, Тетово, Кавадарци, Гостивар, Штип, Велес, буквално низ целата територија на Република Македонија. Колку треба да биде профитот на некој поединец за да се дозволи труење на сопствените граѓани од страна на власта, истакна Трипуновски.

Според него ваква операција на труење на сопствените граѓани, не може да се спроведе без знаење на Љупчо Николовски и Николче Бабовски и поради тоа се бара нивна оставка.

Претходна вестСтрујата нема да поскапи од 1 јули до крајот на годината
Следна вестЗдравствен дом – Скопје ќе вработи 40 лекари, специјалисти, дефектолози, логопеди, психолози…