ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог-закон за поништување на Законот за попис

ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието поднесе Предлог – закон за престанување на важење на Законот за попис, по итна постапка.

Пратеничката Иванка Василевска образложи дека на овој чекор се одлучиле поради тоа што Владата не сакала да дебатира за пописот туку од редовна и статистичка операција, како што рече, направила политичка операција за пазарење, додворување и враќање на коалициски долгови.

Таа рече дека ВМРО-ДПМНЕ не е против попис на населението, туку против фингиран и наместен попис.

ВМРО- ДПМНЕ претходно планираше да го руши овој Закон со граѓански потписи преку подрачните единици на Министерството за правда, но планот пропадна, откако Собранието не даде зелено светло за постапката, бидејќи иницијативата од ВМРО-ДПМНЕ беше поднесена со старото уставно име на државата. Партијата продолжи да собира потписи на пунктови нив државата, што експертите од оваа област го оквалификуваа како парада, без законска основа.

Првата фаза од пописот почна пред неколку дена и преку посебна интернет апликација веќе се одвива првата фаза со самопопишување на македонските државјани во странство.

Официјално, населението во земјава ќе се попишува од 1 до 21 април, од што власта не отстапува и ги отфрли предлозите на опозицијата за електронско попишување или за одложување од една година.

Алијанса за Албанците и Алтернатива нема да го поддржат законот за поништување на Законот за попис на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи како што изјавија, тие се заинтересирани овој процес да заврши и оти тие и опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаат различни согледувања и забелешки за процесот.

 

Претходна вестШар Планина на пат да стане четвртиот национален парк и прв по 63 години
Следна вестФрчат најави од Шилегов, сега за Луна – паркот, што ли уште ќе следи до изборите?