ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски зема плата од 1.000 евра месечно за градба на Клинички центар кој не се гради

Аферата „Паразити“ со години го јаде системот. Од владата именувани функционери, звучни имиња, земале илјадници евра, додека народот мизерува. Функционерите од аферата „Паразити“ не можат да ги оправдаат парите кои ги земаат со реална работа, придонесот кој тие треба да го даваат за тие пари не се гледа, соопшти денеска Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој објави ново продолжение на оваа афера.

-Таков пример е и Андреј Жерновски, кој повеќе од година ипол е дел од проектната единица за Клинички центар, и за тоа зема месечен надомест од 1.000 евра. Жерновски, до сега земал над 18.000 евра од министерството за здравство. А, намената за која што ги зема тие средства не е оправдана. Клинички центар нема, ниту се гради тој во Штип, а тој во Скопје не е ниту во фаза да почне да се гради. Зошто се држи Жерновски на позицијата и зошто му се исплаќаат по 1.000 евра месечно, иако за тоа нема потреба, треба да ни одговорат од Владата. Сосема неоправдано се трошат парите од Министерството за здравство, а во исто време гледаме како секојдневно луѓе собираат пари за лекување преку донации, потенцира Томовски.

Тој додаде дека иста е ситуацијата и со Кире Станкоски, генерален директор на Тутунски комбинат Прилеп, кој зема месечна плата од над 2.000 евра.

-И додека тутунарите се сѐ посиромашни, и едвај врзуваат крај со крај, генералниот директор на Тутунски комбинат за еден мандат ќе инкасира без малку 100.000 евра, нагласи Томовски.

Според него, аферата „Паразити“, покажува како група функционери именувани од владата земаат огромни суми пари по основ на плата во време кога имаме економска криза, а притоа не се гледа со што тие ги оправдале овие примања.

Претходна вестДизелот поевтинува за 3 а бензините за 2 денари по литар
Следна вестЌе чекаме ли куче да касне некого од раководството на Град Скопје?