Здружението на граѓани Иницијатива за развој и инклузија на заедниците од Скопје денеска алармира дека Општината Шуто Оризари се соочува со недостиг на матични лекари. Поради тоа, околу 4.000 возрасни пациенти, како и околу 1.200 деца од оваа општина се без примарна здравствена заштита.
Од Здружението денеска решија и јавно да проговорат за овој константен проблем, бидејќи иако се информирани сите надлежни институции, министерот за здравство и Здравствениот дом Скопје, кои се одговорни за функционирањето на оваа поликлиника, до денеска, немаат никаков одговор.
Фадил Џемаил од Здружението вели дека проблемите на овие жители посебно во усслови на пандемија се огромни – не можат да закажат термини за тестирање, тестирањето оди многу тешко, нема доволно тестови. Сето ова дополнително на секојденвните тешкотии за добивање на здравствена грижа во амбулантата.
-Затоа нашата поликлиника заслужува награда „Најлоша поликлиника во Скопје“, рече Џемаил.
Проблемот почна минатата година со заминување на една матичка лекарка во пензија, а на почетокот на годинава заминаа уште две од кои едната работеше со деца. Секој матичен лекар, кој работи во поликлиниката има околу 2.500 до 3.000 пациенти и нема простор да прими дополнителни пациенти. Но и тие се пред пензионирање што значи дека за кратко време може да останат и без нив.
Според ова здружение, проблем е и тоа што работата во оваа поликлиника матичните лекари ја доживуваат како казна и затоа нема заинтересирани и покрај огласите за концесионери, на кои никој не се пријавува. Апелираат да не бидат оставени без здравствена заштита во овие тешки времиња, а од Министерството бараат одговор зошто никој од околу 250 лекари по општа медицина кои се пријавени како невработени, меѓу кои еден е и Ром се незаитересирани за пријавување на овие огласи.