Во камион во Тексас пронајдени 46 мртви мигранти

Најмалку 46 лица се пронајдени мртви во напуштен камион на периферијата на американскиот град Сан Антонио во државата Тексас. Локалната противпожарна служба во Сан Антонио соопшти дека 16 луѓе биле пронајдени живи и однесени се во болница. Меѓу преживеаните има и четири деца.

Преживеаните биле топли на допир и имале сончаница и изнемоштеност од преголема топлина. Шефот на пожарникарите, Чарлс Худ, изјави: „Пациентите кои ги видовме беа прежешки за да можеме да ги допреме, страдаа од топлотни удари.“

Во приколката на камионот немало вода. Според Худ, камионот бил всушност со ладилник за транспорт, но системот за ладење не бил вклучен. Вчера локалните метеоролошки станици измериле температури од околу 40 степени Целзиусови, при голема влажност на воздухот.

Сан Антонио, кој се наоѓа на околу 250 километри од американско-мексиканската граница, е голема транзитна рута за криумчарење на луѓе. Криумчарите често користат камиони за да транспортираат мигранти без документација откако тие некако ќе ја преминат границата и ќе влезат во САД.

Најверојатно сите жртви, како што се вели, биле мигранти кои во САД влегле илегално. Мексиканското Министерство за надворешни работи соопшти дека се утврдува дали во случајот се вмешани мексикански државјани.

Според американските безбедносни служби, три лица се уапсени. Криумчарите со луѓе користат камиони за во САД да внесуваат мигрантиод Латинска Америка и за тоа наплаќаат високи суми. Американскиот претседател Џо Бајден при преземањето на функцијата вети дека ќе бидат понудени повторно поедноставни легални начини за влез во САД. На крајот на 2021 година, меѓутоа, повторно стапи во сила правило од времето на Доналд Трамп, според кое барателите на азил мора да чекаат на обработка на своето барање во Мексико.

Претходна вестСДСМ: Нема да дозволиме хаос
Следна вестАрсовска: Нема да одам на одмор, ќе им се посветам на проектите за Скопје