Во Крушево седма година се организира фестивалот „Кога во Крушево“ (When In Krusevo)“

Од денеска од 2 јули во Крушево седма година по ред ќе се одржи фестивалот  „Кога во Крушево“ („When In Krusevo“), синоним за летна адреналинска авантура во највисокиот планински град на Балканот. Како што најавија организаторите, фестивалот на едно место обединува музика, спорт и култура, а целта е промовирање на крушевскиот живопис полн со природни убавини и спортски атракции, будење на адреналинот и желбата за дружење, но и промоција на уметноста, историјата, живите традиции на градот и гостопримството кои и тоа како создаваат чувство на топлина.

Имајќи предвид дека Крушево го има еден од најдобрите светски параглајдинг терени и е топ светска дестинација за овој вид на адреналински и активен туризам, како што соопштија организаторите, во фестивалот е вклучено и атрактивното тандем параглајдинг летање од Мечкин Камен.

Меѓу другите адреналински спортови кои ќе ги понуди фестивалот се и искачување на вештачка карпа, јавање на коњи, кајак и СУП. За љубителите на планинскиот велосипедизам има тура од 20 километри и планинска велосипедска трка, додека за истражувачите на планинските убавини планинарска тура од 10 километри. Оваа година за обожавателите на трките, во рамките на фестивалот ќе се одржи улична трка од пет километри, а за гурманите се спрема саем за храна и пијалаци.

За најмладите е подготвено детско катче на Крушевското езеро со денска забава, јога, детска трка и многу детски игри.

Претходна вестХаос во Франција, грабежи, насилство и пожари, приведени над 600 лица
Следна вестСтејт департментoт: Одлуката на Косово за прогласување терористичките организации е донесена без координација со САД