Во СДСМ денеска членството го избира лидерот, какви промени во раководството тој ќе донесе на претстојниот конгрес?

Со непосредно гласање на секој од 68.999 пријавени членови во СДСМ денеска ќе се одржат први вакви внатрепартиски избори за лидер на оваа партија. Партиското членство ќе се изјаснува околу повторниот избор на Зоран Заев за претседател, кој е и единствен кандидат кој поднесе кандидатура и програма за следен мандат. Изборите ќе се спроведат во сите 80 општински организации на СДСМ од страна на општински изборни комисии и избирачки одбори, на вкупно 237 избирачки места, кои денеска ќе бидат отворени од 08 до 19 часот. Во општинските организации, во кои ќе гласаат членовите, се обезбедени избирачки материјал, паравани за тајност на гласањето, избирачки кутии, ознаки и протоколи за заштита на здравјето на сите учесници.

Заев неодамна ја промовира својата изборна програма „Нова политика, СДСМ прв во промените“ која се базира на пет клучни столбови.

-Прво, сериозна реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ. Тоа не значи откажување од некого, туку одговорност пред граѓаните и секој пред самиот себе. Никој повеќе во СДСМ нема да се кандидира за функција само за да биде функционер, туку да врши должност и да биде служител на граѓаните. Втора точка е ангажирање на сите можни капацитети во борбата против корупцијата и криминалот. Охрабрување на различно мислење и почитување туѓи ставови е третата точка од Програмата. Четврта точка е градење на СДСМ за новото време, млад СДСМ, прв во промените. Поттикнување, кревање на мотивацијата на нашите граѓани е петтата точка од Програмата, изјави Заев.

Од друга страна, за разлика од изборот на лидерот во СДСМ многу поголема неизвесност владее околу тоа кој ќе биде во првите партиски ешалони а што треба да се реши на партискиот конгрес закажан за во мај. Моментно, заменик на Заев е Радмила Шеќеринска, а потпретседатели се Мила Царовска, Оливер Спасовски, Мухамед Зекири и Коста Петров. По конгресот, Заев ќе треба да донесе нови кадровски одлуки, односно од списокот на нови членови на Централниот одбор ќе треба да го избере најтесното раководство, односно новиот состав на Извршниот одбор и идните потпретседатели и секретари на партијата, меѓу кои и генералниот секретар. Токму околу тие позиции уште сега се јавуваат многу комбинации и шпекулации.

Претходна вестОблачно и врнежливо, температура до само 3 степени
Следна вест49-годишем маж ги претепал родителите – не му дале пари за роденден