Возач на автобус нападна патник, МВР го потврди инцидентот, ЈСП го суспендира

Возач на автобус на ЈСП „Скопје“ синоќа физички нападнал и повредил еден патник на линијата „24“. Како што пренесе вчера „А1. он“, според сведоци на немилиот настан, патникот кој патувал заедно со својата бремена сопруга, побарале од возачот да го вклучи клима-уредот во возилото, кога тој го сторил тоа, возачот видно изнервиран започнал кавга со патникот.

Расправијата во еден момент преминала во крвничко тепање на патникот, а сведоци од автобусот велат дека возачот за раменици го фатил патникот и му ја удирал главата од прозорите. Исплашената и вознемирена сопруга откако го видела својот крвав сопруг по телефон ја информирала полицијата.

МВР денеска го потврди настанот и наведе дека имало претходно недоразбирање.

– На 19.07.2022 во 21.17 часот во Полициска станица Карпош е пријавено дека лице кое управувало автобус на ЈСП број 24, по претходно недоразбирање, физички нападнало патник во автобусот. Се работи на расчистување на случајот, информираа од СВР Скопје.

Денеска се огласи и ЈСП „Скопје“ од каде соопштија дека возачот е суспенидран.

-ЈСП „Скопје“ веднаш презеде мерки за расчистување на инцидентот кој се случи вчера вечерта во возило на ЈСП на линија 24 помеѓу возачот и патник, при што од видео снимките од возилото е утврдено дека возачот физички го нападнал патникот. Денеска, изготвено е решение за суспензија на возачот и покрената е процедура за преземање на соодветни законски мерки за извршениот престап на работното место, соопшти најголемиот градски превозник.

Претходна вестСе санираат плочките кај споменикот на Гоце Делчев, ќе дојде ли на ред чистењето на чкртаниците?
Следна вестМинистерот за здравство Сали: Во случајот „Жан Митрев“ никој нема да биде над законот