За неизградениот клинички центар се бара отштета од 8,5 милиони евра

Обештетување од околу 8,5 милиони евра е барање кое Министерството за здравство го добило од италијанска фирма за неизградениот клинички центар во Скопје. Ова синоќа го објави телевизијата Сител повикувајќи се на свои извори до оваа Министерство.

Според телевизијата, во ова Министерство стигнале две писма од италијанската компанија кој го доби тендерот за изградба на Клиничкиот центар. Правниот тим на Министерството сега бара начини како да ги избегне заостанатите камати, со кои сумата ќе биде уште поголема.

Во мај 2017 година тогашниот министер за здравство Никола Тодоров соопшти дека новиот Клинички центар во Скопје во вредност од 72 милиони евра ќе го градат двете најголеми македонски градежни компании „Гранит“ и „Бетон“, во соработка со италијанска компанија „Инсо системи“. Подоцна овој договор го раскина неговиот наследник Венко Филипче.

Филипче неколку пати негираше дека за раскинувањето на овој договор ќе треба да се плаќаат пенали.

– Нема никаква исплата, нема никакви пенали. Во неколку ситуации разговаравме за кредитот кој беше доделен од Централната европска банка и не беше повлечен. Разговаравме и со изведувачот во три наврати и досега не побарал исплата. Договорот е раскинат за една точка од договорот и тоа му е кажано на изведувачот, рече Филипче на прес конференција на 3 октомври 2019 година.

Од Министерството за здравство ниту ја демантираат, ниту ја потврдуваат информацијата дека ќе треба да потрошат многу пари за раскинување на договорот.

Министерот за здравство Беким Сали, во јули годинава изјави дека градењето на нов Клинички центар останува приоритет број еден за него, но се уште не е најдено најдоброто финансиско решение за негова изградба.

Информацијата за плаќањето оштета за раскинатиот договор за Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ја коментираше и поранешниот премиер Никола Груевски, во чиј мандат беше потпишан договорот. Во објавата на неговиот профил на Фејсбук Груевски напиша иронична порака:

-“Браво момци”!, “Ќе не биде”! Дури 8,5 милиони евра треба да исплати Министерството за здравство поради раскинување на договорот за изградба на клиничкиот центар „Мајка Тереза“.…Колку за споредба, 8,5 милиони евра кои за ништо ќе бидат оддлеани од буџетот е сума колку што чини новата детска болница во Козле, или, пак, набавка на 4 нови линеарни акцелератори за онколошки пациенти, наведе поранешниот премиер.

 

Претходна вестШверцот на мигранти не стивнува: Кај Валандово во две „шкоди“ откриени 26 Сиријци
Следна вестОхриѓанец ја оштетил таблата на бугарскиот клуб, делото се гони по приватна тужба