За несовесните возачи мора да има посебен третман по одземањето на возачките дозволи

Со Пеце Лозанов, магистер по патно инжењерство кој работи и како стручен раководител и предавач во авто-школа, зборуваме за дивото возење по град и како да се справиме со непочитување на сообраќајните правила и прописи.

Возачи дивеат по сообраќајниците, пребрзо возат, прават прекршоци… Како да се стават во ред?

-Акцент би ставил на Агенција за безбедност на сообраќајот на патиштата која за жал се уште ја немаме (според Директиви и Регалативи на ЕУ – соседна Србија има), Агенцијата би функционирала на државно ниво, каде во поголемите градови би имала училници каде би се држела теоретска настава. Таа настава би била наменета за несовесните возачи т.е. на возачите на кои им е одземена возачката дозвола. На крај од теоретската настава предавачот му дава по еден тест, кој секој треба да го реши и доколку ги знае правилата многу лесно би си ја вратил возачката. Но, проблем ке биде за возачите кои не ги познаваат доволно правилата т.е. тука се покренува прашањето за избор на автошкола во која одел. Тогаш ќе дојдеме во ситуација критериум да не бидат познанствата или цената туку секој ке сака да избере квалитетна автошкола.

Би го зел примерот на соседна Србија со Агенцијата, каде се слуша настава од 40 часови (10 дена по 3 часа), Заради овој факт мислам е потребно да се вратат Возачките книшки наменети за впишување на негативни поени. Во Србија возачката дозвола се одзема со 18 поени (првиот пат), додека со 15 поени (втор пат), или 12 поени (трет пат) или 9 поени (четврти пат)… Секој прекршок се бодува со 1, 2, 3 5 поени. За пак да си ја добие дозволата ваков возач мора да оди на посебен здравствен преглед, да посетува семинар за унапредување на знаења за безбедноста во сообраќајот и да положи таков испит.

Инаку, зад брзите возачи стои недоволна сообраќајна култура и свест, непознавање на ризиците и последиците. Поради ова би потенцирал потреба од поголема контрола на автошколите како ги изведуваат часовите, дали според наставен план и програма, дали поседуваат стручен кадар исто така и испитните центри….

Дали се доволни казните кои ги изрекнува полицијата на ваквите возачи, потребни ли се тука промените?

-Дел од казните мислам дека се премногу високи. Ова го потенцирам заради фактот на социо-економски стандард кај граѓаните, секој граѓанин не може да плати иста парична казна, зошто да не биде процентуално, зависно од месечни, годишни примања.

И уште сакам да напоменам кога имате казни од 500 евра, 1.000 евра, 2.000 евра, 4.000 евра во денарска противвредност, секој би побарал помош т.е. подмитување на дел од државните службеници. Односно, неговиот случај да се забошоти или да се чува во некоја фиока за да застари тоа дело или се заборави. На казна од 2.000 евра секој може да плати 200 евра мито. Доколку казните се процентуални или помали, тоа помагање еден со друг би се изгубило, а “пријателството“ за овој вид би се изгубило целосно.

 Дали се потребни технички зафати на сообраќајниците за принудно намалување на брзините?

-Секако, тоа и те како треба да се продолжи бидејки има голем број на недостаток заради нивно оштетување, кражба, несовесност итн. Но, според мене, битно е и секоја општина да има Сообраќаен катастар. Во него ќе бидат внесени сите елементи во сообраќајот: семафори, сообраќајни знаци, хоризонтална сигнализација, столбчиња покрај патот, лежечки полицајци (техничка опрема за смирување на сообраќајот), ширина на коловоз, коловозни ленти, сообраќајните ленти, каде имаме велосипедски ленти и патеки, пешачки патеки, нивни димензии, улично осветлување, подземни цевки, одвод, вода, струја, кабловска, некаде и интернет итн. Ова со цел да имаме претстава за целокупниот сообраќај и тоа е технолошки можно. Тогаш брзо ќе добиваме информации за тоа каде треба да се интервенира.

Претходна вестВакцини пристигнаа, навистина простигнаа – Филипче ги пречека
Следна вестКазнети 164 возачи во Скопје, од кои 82 за брзо возење