Заев, Вучиќ и Рама ги канат земјите од регионот во „Отворен Балкан“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерите на Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама ги поканија и другите држави од западен Балкан да се приклучат кон иницијативата „Отворен Балкан“.

Повикот на тројцата лидери доаѓа два дена пред нивната нова средба во Тирана.

-Иако Иницијативата Отворен Балкан досега ги опфаќаше само Србија, Албанија и Северна Македонија, таа беше и ќе биде отворена за сите членки на Западен Балкан. Ја користиме оваа прилика да ги повикаме сите наши соседи да се здружат за да понудат придобивки за нивните граѓани, се вели во заедничкото писмо.

Инаку, тројцата лидери ќе имаат средба во Тирана на 20 и 21 декември.

Потсетуваат дека преку слободното движење на луѓе, стоки, капитал и услуги, соработката може да го поттикне трговскиот и економскиот раст со цел да се олесни животот на сите.

-Имаме свои поделби, не се согласуваме за некои политички прашања, но сите се согласуваме дека економијата и четирите основни слободи на ЕУ се најдобриот начин да му дадеме надеж на нашиот регион за траен мир, велат Вучиќ, Рама и Заев во писмото што го објавија медиумите во Тирана.

Објаснуваат дека „Отворениот Балкан“ не е утешна награда наместо членство во ЕУ, туку голем чекор кон тоа.

Се очекува на претстојната средба во Тирана да потпишат меморандум за разбирање во врска со работните дозволи. Тој договор би значел дека работната дозвола издадена во која било од овие три земји важи за сите членки на иницијативата – Србија, Северна Македонија и Албанија.

Иницијативата „Отворен Балкан“ во моментов не е поддржана од властите во Сараево, Подгорица и Приштина.

Претходна вестПолицијата го пронајде украдениот автомобил на „Државни патишта“
Следна вестПочинале 7 пациенти од вирусот, новозаразени се 301 лице