Зарем 5 дена е рокот на траење на демократијата во македонскиот парламент?

Со турни – застани, со инциденти и на крај со голема упорност на најголемите партии (и од власта и од опозицијата) се донесе нов Деловник на македонското собрание. За многумина Деловникот се донесе без да се почитува Деловникот, ама работите си врват…

Што подобро ќе има во парламентот со новиот деловник?

Се чини, демократија која ќе трае пет дена ќе биде главното обележје на следниот пратенички состав во македонскиот парламент. За толкав максимален период ќе завршуваат расправите и за најчуствителни законски предлози и прописи кои ќе имаат влијание врз голем број на граѓани. Не е важно колку амандмани ќе има поднесено опозицијата на некој си законски предлог или одлука, расправата по 3 до 5 дена ќе престане и мнозинството ќе гласа.

Така ќе биде откако големото мнозинство од 83 пратеници, од најголемите коалиции на власта и на опозицијата, и со противење на само двајца пратеника од Левица, завчера го изгласаа новиот Деловник, а во кој веќе ќе нема можност за „филибастеринг“ со кој опозицијата (која исто така преставува граѓани на Македонија) не ќе може да издејствува преговори со мнозинството за да се прифата и нејзини видувања.

Да, демократски со Деловникот ќе биде дозволено пратеник да поднесе амандмани колку сака, ама потоа… 

Чудна некоја демократија. Опозицијата во парламентот дури и да има 59 пратеници ќе биде декор кој може максимално 5 дена да зборува и потоа да замолчи и да ракоплеска на мнозинството.

Зошто вака одлучија пратениците од власта и од опозицијата знаат тие самите. Новиот Деловник со години се договараше најмногу со цел да се обезбеди „функционалноста“ во работата. Односно, да се обезбеди можноста предложените закони да не бидат блокирани со илјадници амандмани и да, паради тоа, не се злоупотребува „европското знаменце“, а што беше понекогаш пракса на сите парламентарни мнозинства. Сите се сеќаваме како Талат Џафери со денови читаше поезија или молчеше на говорница со што спречи носење на регулатива. Ама, сега тој е против такви работи.

Како тогаш оние пратеници, кои во одреден период ќе бидат опозиција, ќе имаат можност да влијаат врз некои законски предлози со кои не се согласуваат? Како некој пратеник воопшто да посака да напише амандман?

Како активните пратеници (кои се во мал број во парламентот – другите се само гласачка машина) ќе го обезбедуваат своето демократско право и нивните ставови ( и награѓаните кои ги преставуваат) да најдат место во законите што ги носи парламентот?

Наместо демократски договарања и убедувања меѓу власта и опозицијата во периодот кога ќе се подготвуваат одредени закони за доброто на сите во Македонија, сега се ќе завршува како што мнозинство ќе оцени дека треба да заврши…

– Штетата од процесот со кој се укина парламентарна демократија е неповратна. Собранието, на еден начин се самоукина. Собранието сега е само обичен извршител на Владата и следната влада којашто ќе дојде на власт, практично веќе нема да има Собрание, изјави завчера Борислав Крмов, пратеник на опозициската Левица за време на настапот во Собранието кој му претходеше на инцидентот што самиот го предизвика.

Да, пратениците од „Левица“ бунејќи се против ова можеби на моменти беа преагресивни, кршеа монитори, „печатираа“ амандмани со чевел, а и фрлаа повеќе од 2.000 амандамни низ собранистака сала, НО со новиот Деловник во иднина ќе може сите амандмани кои ќе се поднесат во Собранието да бидат фрлени во корпа од страна на мнозинството. Само треба да почека 5 дена дур трае „ демократската расправа“. 

Едно време актуелен беше терминот „заробена држава“. Зарем сега се оди кон тоа  актуелен да биде „заробени пратеници“?

 

Претходна вестГостиварка од чанта украла пари и накит
Следна вестФилмски грабеж, крадци украле 2.000 телевизори и 16.000 четки за заби