Железарци на протести за „улицата на смртта“ – да се воведе ред на Коце Металец!

Почнувајќи од вчера, па се додека не ги разбудат надлежните да преземат нешто, жителите на Железара ќе протестираат на крстосницата меѓу улицата Коце Металец и сервисна улица, каде смртно беше прегазена 45-годишна жена. Збирното место им е на клучката Коце Металец и Гемиџиска, пред црвените здради.

-Протести со блокади уредно се пријавени во полициската станица – Гази Баба за денес, утре и задутре, од 20- 22 часот…Протестираме со цел да го подигнеме гласот против сообраќајното дивеење и што поскоро растеретување на сообраќајот со долгонајавуваната обиколница. Улицата Коце Металец и нејзината прометност е сериозен проблем веќе со години. Никој од нас не е безбеден. Бидејќи надлежните очигледно немаат слух, ред е на нас нешто да превземеме. Уште колку луѓе треба да настрадаат? Несовесни возачи кои мислат дека баш на таа улица треба да градат тркачка кариера мора да се спречат. Не може улица со две ленти да е една од главните и најпрометни улици во Скопје. Овој проблем е на сите оние кои живеат во Железара. Мора да делуваме, се вели во повикот за масовна излезност на протестот.

Скопјани се згрозени од последната несреќа, во која, според билтенот на МВР, жената се движела пеш, кога во неа удрило „ауди А5“, по што починала на лице место. Револтирани се што ова не е прва трагедија, а нема ниту да биде последна ако итно не се преземе нешто.

Претходна вестАгенцијата за иселеништвo ја промовираше својата нова веб страна
Следна вест„Мелем песна“ и Танец вечерва во „Сули ан“