Знаеме дека се скарани, ама со нивното натегање јавниот превоз во Скопје нема да тргне никаде

Скопје чека веќе година и половина градоначалничката Данела Арсовска да исполнува некои од изборните ветувања. Таа, пак, понекогаш на оригинален начин сака да ги исполни своите најавени планови. Ете, ветувањето дека во Скопје ќе набави 250 нови еколошки автобуси тргна со постојаното ставање на точка на дневен ред на Советот на Скопје.

Со предлогот се бара советниците да одобрат задолжување од 10 милиони евра за набавка на нови автобуси. Беше ставен на последната седница, но и одбиен од советниците бидејќи не беше наведено колку автобуси би можеле да се купат со тој кредит, ниту од кој производител.

Но, Аросовска потоа најави дека ќе биде упорна и дека на секоја седница советниците ќе мора да се изјаснуваат околу ова точка. Ова ќе биде игра или вистинска работа?

Ако советниците пак го добијат барањето со исто образложение, многу е веројатно пак да се одбие. Која е тогаш поента на сето ова, што граѓаните добиваат со ова? Или можеби градоначалничката овој пат ќе даде детални информации?

Не е добро ако намерата на Арсовска е да го стави Градскиот Совет во улога на страна која не и дозволува да реализира дел од своето ветување. Во стилот, „јас барам, а тие не ми дозволуваат!“.

Оправдано е барањето на советниците да им се каже за каква набавка се работи, колку автобуси, од кој производител? Такви одговори треба да им се дадат на советниците од кои се бара да го одобрат задолжувањето на Градот, односно, на скопјаните за цели 10 милиони евра. Без тоа, депласирано е поднесување на точката на дневен ред на секоја седница. Патем, да потсетиме дека за оваа сума може да се набават само триесетина еколошки автобуси а ветувањето на Арсовска беше за осум пати поголемо и со финансирање „во соработка со централната власт и меѓународните партнери“.

Скопје и неговиот јавен превоз немаат време за натегање меѓу Арсовска и Советот. И двете страни треба да седнат и да почнат сериозно да размислуваат што да се направи со него, каков концепт да се избере.

Арсовска, која првично се откажа од концептот на БРТ што го заговараше нејзиниот претходник Петре Шилегов, во февруари во едно интервју рече дека „не се откажала од него, дека недостатоците се отстрануваат, дека проектот се ревидира во однос на трасата и другото…“ А тоа, извесно, значи дека тој проект за кој веќе е одобрен кредит од 70 милиони евра треба да биде и тема на договорот со Советот н Скопје, многу поприоритетно отколку што е задолжувањето од десет милиони евра за неизвесен број на автобуси.

Да, паметиме дека градоначалничката и советниците од ВМРО-ДПМНЕ се испокараа пред извесен период, но сепак нивната задача, за која се дебело платени, е Скопје да биде функционално. 

Претходна вестСелекторот Милевски: Задоволен сум, со оглед на двете победи
Следна вестМегаштрајк во Германија, над 100.000 државни службеници ќе штрајкуваат во Британија