Зошто Скопје не успеа да биде чист град и зошто не се запнува да се исчисти?

И во овој мандат ѓубрето е победник

 

Поедини граѓани и дел од градежните компании крајно неодговорно се однесуваат. Инспекција нема, а нефункционалните комунални служби се само уште еден проблем, потенцира Сандра Петрова

 Скопје не успеа да стане чист град ниту последниве четири години. Се ветуваше дека ќе биде подобро од претходно, но Скопје си остана со грди слики од контејнери околу кои е расфрлено ѓубре, отпадоци по улиците и тревниците, преполни корпи кои нередовно се чистат, натрупана земја и песок по улиците, несобрани лисја, гранки, неизмиени улици, диви депонии… Зошто не се успеа Скопје да стане почист град?

На почетокот на овој мандат имаше неколку поголеми акции за „генерално“ чистење на градските населби и се доби впечатопк дека работите тргнуваат на подобро. Но потоа акциите проретчија, па ги снема. Да, се изврши и голема набавка на комунална опрема – нови контејнери, корпи за отпадоци, нови возила за вшмукување на отпадоци… се потрошија доста градски пари, но и тоа не помогна доволно. Нехигиената и натаму царува.

Барањето на причините зошто Скопје е валкан град има повеќе одговори. Еден е дека добар дел од граѓаните по сите населби не внимаваат на хигиена – фрлаат отпадоци насекаде, оставаат кабаст отпад каде што не треба, фрлаа градежен шут на јавни површини… Вториот е во службите за комунална хигиена и во тоа како тие се однесуваат во чистењето на јавните градски површини. Зошто, граѓаните тешко се превоспитуваат, а службите уште потешко да профункционираат како што треба? А тие служби не се мали и неопремени…

-Скопје стана депонија од невидени размери. Поедини граѓани и дел од градежните компании крајно неодговорно се однесуваат. А општинските и  градските комунални служби апсолутно се глуви на барањата на граѓаните. Помина цело лето и есен, а Јужен булевар не е ниту еднаш испран. Комуналните инспектори треба да работат самоиницијативно, а не само на повик, да се прават дневни неделни обиколки на жешките точки. И да сфатат еднаш за секогаш дека ние граѓаните ги плаќаме и треба да бидат во наша служба, ни вели скопјанецот Дејан Богојевски.

И Сандра Петрова смета дека Скопје е далеку од чист град.

– Скопје не изгледа како главен град на држава во Европа во 21 век. Дел од граѓаните на јавните површини гледаат како на нешто што му припаѓа на другиот и не е важно дали ќе се уништи или не. Немаме систем за рециклирање на отпад, не се казнуваат загадувачите. Инспекција нема, а нефункционалните комунални служби се само уште еден проблем во ланецот на проблеми, потенцира Петрова.

Аеродромец кој не сака да излегува со име во јавноста ни посочува дека на терен во неговата општина гледа многу вработени лица за чистење, ама и гледа дека не е доволно исчистено. И тој, а и други скопјани бараат зголемена работа од страна на задолжените за чистење на градот. Велат дека празнењето на контејнерите се прави добро, ама чистењето на теренот е слабо. Ќе има ли подобрувања во следните четири години? Ветувања во кампањата за тоа има.

Јавните претпријатија претворени во експозитури на партиите

Според граѓанинот Виктор Христовски Скопје е валкан град а состојбата постојано се влошува .

-Причините се комплексни, но нефункционалноста на јавните претпријатија е клучна. Тие се претворени во експозитури на партиите во кои се вработувааат кадри како благодарност за партискиот труд. Веднаш потоа се граѓаните користејќи ја пак нефункционалноста на инспекциските служби се прекомотни и несвесни за своето однесување. Едноставно потребен е мораториум на вработувања во сите служби, филтрирање на кадрите и департизација на сите јавни сервиси, потенцира тој.

Претходна вестСите работат „според закон“, а добиваме хаос
Следна вестШилегов: Скопје заслужува вистински објекти – ќе направам Аквариум