И покрај бројните критики во јавноста македонското Министерство за надворешни работи не планира да изврши промени во унилатералната изјава за македонскиот јазик која владата ја достави до ЕУ на првата меѓувладина конференција пред два дена. МНР денеска соопшти дека изјавата била со цел да се осигура употребата на чиста формулација за македонскиот јази како службен јазик во земјава и нејзините меѓународни односи, без какви било објаснувања.
Во соопштение на Министерството се наведува следното:
„Унилатералната изјава на Република Северна Македонија претставена на првата Меѓувладина конференција за пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија е еднострана изјава чија првенствена цел е да се осигура употребата на чиста формулација за македонскиот јазик, без какви било објаснувања, додавки или фусноти, во документи на Советот на Европската унија. Во таа функција, со оваа изјава се соопштува нашата позиција, пропишана во Уставот на Република Северна Македонија за македонскиот јазик како службен јазик на Република Северна Македонија на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи.
Изјавата во себе содржи релевантни делови од Уставот на Република Северна Македонија, Резолуцијата на Собранието на Република Северна Македонија од 29 јули, 2021 година, и заклучоците од седницата на Собранието на Република Северна Македонија од 16 јули, 2022 година. Во согласност со форматот на унилатералната изјава, даден е кус осврт поврзан со кодификацијата на литературниот македонски јазик и неговата заснованост на специфичниот развој на дијалектите кои се земени како основа за кодификацијата и кои биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија, а тоа се централните говори на западното македонско наречје односно говорите на оската Битола – Прилеп – Велес – Кичево. Поради ограничувањата поврзани со форматот и целта на унилатералната изјава, наведени се само неколку информации и податоци поврзани со јазичниот, просторен и временски континуитет на македонскиот јазик кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ како и неговото значајно место во славистиката и лингвистичката наука.
Потсетуваме дека Преговарачката рамка за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, која беше усвоена од Советот на ЕУ на 18 јули 2022, е првиот документ на Советот на ЕУ во кој е содржана чиста формулација за македонскиот јазик. Како што беше најавено од Европската комисија, наскоро ќе биде склучен Договорот за статусот на Фронтекс со јазична одредба во која покрај 24-те службени јазици на ЕУ ќе биде поименично наведен и македонскиот јазик. Договорот за статусот на Фронтекс ќе биде првиот билатерален договор меѓу Северна Македонија и Европската унија кој ќе содржи стандардна јазична одредба со вклучен македонски јазик.
Сите идни документи на Европската Унија каде што ќе треба да биде наведен македонскиот јазик, во нивната целосна правна, политичка и административна форма ќе ја гарантираат рамноправната позиција на македонскиот јазик и неговата употреба без какви било објаснувања, додавки или фусноти, се вели во соопштението на МНР.
Од друга страна, во МНР се водат консултациите околу содржината на изјавата откако на неа реагираа научниците од МАНУ, Институтот за македонски јазик, за македонска литература, Филолошкиот факултет и други институции, оценувајќи дека изјавата недоволно го штити не само историски континуитет на јазикот, туки ни неговата иднина во ЕУ. Од групата „Млади Македонисти“ преку Проглас побараа Владата да ја повлече Изјавата за јазикот од ЕУ од причина што таквата изјава може да доведе до сериозни и трајни последици по нацијата, државата и македонската култура.
-Ненаучно и неточно тврдење изнесено во оваа Изјава е дека македонската дијалектологија, односно македонскиот дијасистем е сведен само на територијата на државата, спротивно на меѓународните принципи и научно утврдени факти коишто дијасистемот не го поврзуваат со политичките државни граници, а Македонската книжевност е сведена на датирање само од 1945 година наваму, се наведува во нивното соопштение.