Дали Владата на РМ има идеја како би се поставила на евентуални санкции на ЕУ кон Србија и дали Владата има стратегија каде би ги извезувале нашите продукти доколку ЕУ одлучи да ги затвори границите за нашиот северен сосед?, прашање е кое денеска го постави партијата Левица.
Во соопштението на оваа опозициска партија се укажува на последиците од можноста српската Влада да го одбие француско-германскиот предлог за решавање на ситуацијата на Косово.
-Доколку српската Влада го одбие овој предлог (какви што и се очекувањата), иднината на Србија за приклучување кон ЕУ и НАТО ќе се сведе на минимум. Дополнително српската Влада одбива да стави економски санкции кон Руската федерација, а тоа само додава причина повеќе зошто дипломатите од Европската Унија може да се свртат против Србија. Според официјалните изјави, доколку Србија го одбие овој предлог големи се шансите за воведување на економски санкции против Србија од страна на Европската Унија (слични како оние кои ги воведоа против Русија). Воведувањето на вакви санкции на било која земја од Балканскиот полуостров значи тотален колапс на економијата во таа држава, но што би значеле евентуалните санкции кон Србија за нашата држава?, дилемата којашто ја актуелизира Левица.
Оваа партија потсетува дека Република Македонија за 2022 година има вкупнен извоз на материјални добра повеќе од 355 милиони евра (без месец Декември), додека увозот од Србија претставува 630 милиони евра. Република Србија претставува четврта земја со која имаме најголема трговска размена.
-Доколку ЕУ се одлучи за воведување на економски мерки кон Србија, тоа би значело колапс на српската економија, повлекување на странските инвестиции е наједноставната мерка која може да се воведе, но и најочекувана доколку за пример ја следиме Русија. Од досегашното искуство на Владата на РМ и нивниот вазалски начин на водење политика, големи се очекувањата доколку ЕУ воведе санкции кон Србија, Македонија да се приклучи кон овие мерки. Евентуалното придржување кон ЕУ против Србија би значел тотален колапс на македонската економија, предупредуваат од Левица.
Се наведува и тоа дека извозот на македонски прехранбени продукти кон Србија за 2021 година бил вкупно 54 милиони евра што претставува прва држава каде се извезуваат нашите прехранбени продукти. Македонскиот зелечук кој се извезува кон Србија за 2021 година бил со вредност од 11 милиони евра, овошјето со 9.7 милиони евра, а преработките од овошје и зеленчук изнесуваат 11.3 милиони евра.