Европски земји почнаа и дополнително да го намалуваат работното време, а кај нас…

Предлогот за 60 часовна работна недела ги дискриминира работниците, односно ги става во понеповолна позиција, а дополнително отвора можност за злоупотреби, вели универзитетскиот професор Јовевски

 Со универзитетскиот професор по трудово право Лазар Јовевски зборуваме за контроверзниот договор за изградба на новите автопатишта во Македоија, за предлог законите околу тоа, за работничките права…

Во јавноста има силни реакции за менување на закони околу изградбата на автопатишта врз основа на договорот со фирмата „Бехтел и Енка“. Што сметате Вие околу ова?

– Законски измени не смее да се донесуваат ад хок. Национални интереси не е логично да се одредуваат ад хок. Не можеме ни да претпоставиме што ќе се случи доколку за моментални потреби државата си дозволи да прави законски измени, а во конкретниов случај да не заборавиме дека се работи за предлог кој веќе паднал на Уставен суд, што кажува дека истиот е противуставен.

Работната недела кај нас законски изнесува 40 работни часови, а законот предвидува можност за прекувремена работа која е дефинирана што значи и која се плаќа дополнително на работникот кој работел прекувремени часови. Во овој случај, предлогот за 60 часовна работна недела ги дискриминира работниците, односно ги става во понеповолна позиција, а дополнително отвора можност за злоупотреби, со оглед на тоа што е ова едно од најзлоупотребуваните права во македонската пракса. Сметам дека не треба да се менува законот и да се искористат постојните законски решенија во однос на прекувремената работа.

Сојузот на синдикатите оцени дека власта со она што се предлага како промена сака да направи робови од работниците…

– Да, оправдана е реакцијата бидејќи работниците ќе бидат обврзани да работат 60 часа неделно, и покрај тоа што се најавува дека би било на доброволна основа. За прекувремената работа предвидена во Законот за работни односи има точно определени законските услови за тоа кога може да се работи прекувремено.

Генерално, во Македонија, како се движат работничките права, какви се трендовите во трудовото право на работниците. Какви се, во исто време, трендовите во светот?

– Во однос на работничките права имаме национално законодавство и има меѓународни норми кои се прифатени од наша страна, односно конвенции кои се ратификувани и имаат иста важност како законите и мора да се почитуваат. Во развиените земји, особено европските има тенденција на намалување на работната недела.

Првата конвенција на МОТ усвоена во 1919 година ги ограничи часовите на работа на работниците и предвидува соодветен период на одмор за работниците, а денес, стандардите на МОТ за работното време обезбедуваат рамка за регулирани часови на работа, дневни и неделни периоди за одмор и годишни одмори. Ваквите инструменти се осмислени за да обезбедат високапродуктивност и истовремено го заштитуваат физичкото и менталното здравје на работниците.

Голем број земји, пред сè европски како што реков, почнаа и дополнително да го намалуваат работното време, така што според податоци од ОЕЦД од 2022 година, работната недела во Холандија на пример изнесува 29,5 работни часови, во Данска 32,5, во Норвешка 33,6, во Швајцарија 34, 6 часови, во Австрија, Белгија, Италија и Ирска по 35,5 часови, во Шведска е 36, а во Финска 36,3 часа.

Македонија како земја која е проевропски ориентирана и прави сè за да стане членка на ЕУ не треба да си дозволи уназадување на работничките права, односно треба да ги следи трендовите кои веќе се имплементираат во чланките на ЕУ и да се приближува до европските просеци.

НЕ ГЛЕДАМ ПРИЧИНА ДА СЕ МЕНУВААТ ЗАКОНИТЕ

Премиерот Ковачевски деновиве изјави дека и со постоечките закони може да се работи повеќе од 40 часа неделно…

– Со постоечките закони може да се работи повеќе од 40 часа неделно, но под точно определени услови и не може да работи работникот константно со 60 часовна работна недела како во случајов додека трае изградбата на автопатите, која патем ќе трае повеќе од една година, според проценките. Затоа, треба да имаме предвид дека доколку поминат овие измени, одреден број на вработени ќе работат многу повеќе од останатите, со тоа што може да се случи да не им се плати истата ако се прераспореди работното време во текот на годината. Тоа значи дека во еден период од годината вработените можат да работат по 60 часа, но во друг период од годината да им се распореди работата и да не им биде соодветно платена, бидејќи не е интервенирано во законските одредби кои го предвидуваат ова право. Конечно, ако имаме веќе законско решение со кое ќе може да се работи доволно за да оди изградбата како што планираат, не гледам причина да се менуваат законите.

Претходна вестМД „Илинден“ – Тирана почна кампања „Главата горе – изјасни се дека си Македонец“
Следна вестКадиров: „Ќе формирам своја војска“