Битола ќе биде последен фронт во борбата по ракометниот престол во Македонија. Не изгледаше така пред месец и пол, кога Пелистер загуби во Скопје со 31-24, но Вардар сам си ја искомплицира судбината и остави да решава дербито во „Боро Чурлевски“, вечерва од 19 часот.
Ако се прашуваат црвено-црните, репризата може да оди докрај, па и овој пат како минатата година да слават шампионска титула среде Битола. Тогаш допатуваа поразени од Скопје, па успеаја да слават о 26-23. Овој пат ја имаат самодовербата од меѓусебниот дуел, но покажаа нестабилност и загубија од третиот, се погласен фактор во нашиот клупски ракомет – Алкалоид.
Тој кикс ги изедначи ривалите од Скопје и од Битола по број на бодови – со по 33 влегуваат во денешната пресметка – но една важна разлика од минатата сезона е тоа што сега Вардар е тој што ќе се радува и со реми.
Ова беше сезона во која и Вардар и Пелистер покажаа слабости, губеа во СЕХА-лигата, Пелистер имаше и проблематичен и променлив настап во Европа, така што тешко е да се извади „нзс“ за некаква форма и ниво. Вечерва ќе надвладее тимот кој ќе има посилна моментна инспирација, поголема концентрација и почит кон институцијата македонска ракометна титула.
Вардар е рекордер со 15 такви трофеи, Пелистер има шест, но последниот пред 18 години.