„Катиљ-ферман“ стаса од американската администрација. Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко кој го тера веќе третиот градоначалнички мандат е ставен на американска црна листа.
Со ова се почнувало исполнувањето на најавата од САД дека прават листа на корумпирани функционери во Македонија откако кај нас во декември престојуваше американски тим со цел „поагресивно да истражува корупција кај поранешни, но и кај актуелни функционери“.
– Одлуката е донесена затоа што државниот секретар имал веродостојни информации кои сугерираат дека г-дин Мерко бил вмешан во голема корупција. И така според законите, кога секретарот ќе дојде до тој заклучок, нечија определба е правно обврзувачка, како што се случи денеска, објасни денеска координаторот за антикорупција во Стејт департментот на САД, Ричард Нефју, во интервју за албанската редакција на „Гласот на Америка“.
За какви конкетни докази се работи тој не соопшти, но од информациите што биле објавени како дел од соопштението се работи за злоупотреба на средства и мешање во судските постапки. Дали тие ќе им бидат доставени до македонските истражни органи, ќе се види во претстојниот период.
И, сега што ќе прави Мерко? Ќе си поднесе ли оставка или ќе продолжи да се однесува како до сега – недопирливо за што има и аргументи – за неговото име, познато е, и досега се врзуваа бројни обвинувања меѓутоа таквите тврдења никогаш до сега не добија некаков истражен и судски епилог.
И, сега што ќе прави ДУИ? Да игра фудбал во канцеларијата на Груби не би било соодветно. Ќе му потшепне ли дека треба да си даде оставка или и понатаму ќе се тера старата пракса – функционери од ДУИ се недопирливи?
САД најавија дека „црната листа“ ќе биде надополнета и со други личности па останува прашањето кој уште ќе му се придружи на Мерко. Има ли и други кандидати од ДУИ?
Туку, има и едно поважно прашање: Како тоа македонските институции не ги собраа доказите за извршени злоупотреби, а тоа му успеало на американски тим за кусо време?