Апел до граѓаните да не газат по пукнатините коишто се појавиле на стаклата низ кои се оди на пешачкиот мост „Око“ на Вардар зад ГТЦ упати денеска Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи. Тој одржа прес-конференција на којашто зборуваше за состојбата на мостовите и во другите региони во земјава.
-Мостот е стабилен, но стаклата се напукнати. Откако го констатиравме тоа, го известивме Град Скопје, а претставници од таму тврдат дека стаклата се безбедни. Ни рекоа дека работат на нивна замена. Не е лошо граѓаните да не газат по пукнатините, иако од Градот укажуваат дека нема да се скршат, рече Ангелов.
Ангелов кажа дека небезбедни се уште десетина други мостови низ државата. Загрозена стабилност, според него,имале мостовите кај село Ларци, Општина Градско, мостот на реката Пчиња, кај селото Пчиња, а опасен е мостот кај Визбегово.
Ангелов истакна дека надлежните институции се подготвени и искоординирани за можноста од пожари по високите температури. На прашањето каква е состојбата на авионите кои би требало да учествуваат во гаснење на пожарите особено ако се земе во предвид дека во државата пред две години во врска со овој проблем интервенираа екипи од соседството Ангелов со одговор:
-Во понеделник или вторник ќа ја информираме јавноста за бројот на државните ресурси, но авионите ќе бидат функционални ова лето, потенцира тој.
Поради високите температури упати апел граѓаните, да бидат исклучително внимателни при движење во природа.
-Бидејќи најнепопуларната мерка е забрана за движење во природа, таа мерка ќе се обидеме да ја избегнеме. Но граѓаните треба да бидат совесни и внимателни при фрлање на отпушоци, при работа со алат кој што искри и да не се палат огнови, премногу е топло, тревата за неколку дена ќе биде барут сува и лесно запаллива, рече првиот човек на ЦУК.