Темен режим Режим на светлина

Наместо отстрел на мавровските мечки ќе се организира дохранување, дислоцирање, чистење на ѓубриштата…

Чистење на ѓубриштата, обезбедување на хранилишта по шумите, чување на имотите на граѓаните, успивање и дислоцирање мечки се едни од мерките кои во следниот период ќе се применуваат за да се намали присуството на мечките во Општина Маврово и Ростуше. Ова е една од превентивните мерки кои се разгледани и усвоени на вчерашната владина седница, а се предложени од надлежните министерства.

– Во најкраток временски период да бидат отстранети сите помали и поголеми ѓубришта коишто се во непосредна близина на населените места или во самите населени места, коишто претставуваат извор на привлекување на мечката. За таа цел, локалната самоуправа, во соработка со Јавната установа Национален парк Маврово, согласно нивните надлежности, треба да пристапат кон решавање на прашањето, со цел навремено чистење на сметот (дивите депонии) од сите населени места, како и од локалните патишта, стои во соопштението од Владата.

Со утврдените превентивни мерки е предвидена и контрола на сите придружни објекти во коишто се чува храна, коишто може да бидат лесно достапни и коишто се во близина на местото на домување; затворање со соодветна безбедносна метална ограда на сите места за одлагање комунален отпад; обезбедување посебни хранилишта за мечки надвор од населени места; обезбедување на имотите, посебно на местата каде што се чува добиток, пчели и друго, со стандардизирана опрема со електричен напон; успивање и дислоцирање мечки, во соработка со државни органи и научни институции; употреба превентивни средства за заплашување и одвраќање, како и организирана употреба на средства за заплашување на мечките.

Превентивните мерки, додаваат од Владата, се предложени од страна министерствата за животна средина и просторно планирање и за земјоделство, шумарство и водостопанство и се очекува нивна ефикасна примена.

-Неопходните превентивни мерки, како што е соопштено од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање се предложени и преземени, во координација со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со оглед дека кафеавата мечка согласно Законот за ловство, е вид за којшто е пропишана трајна забрана за ловење. Активностите се преземени по доставено известување од страна на Јавната установа Национален парк „Маврово“, за зачестено присуство на кафеавата мечка на територијата на паркот, каде, според информацијата, има причинети штети по добиток, пчелни семејства, имот“, се вели во владиното соопштение.

Инаку вчера низ тесните улички на селото Жировница беше видена мечка.

– Проблемите и опасностите секогаш изгледаат поедноставно кога се гледаат од безбедна далечина на ТВ, лаптоп или мобилен телефон, напиша Ангелов во описот на видеото, на кое се слуша како мештаните со викање се обидуваат да го оддалечат животното од селото.

Минатата недела, Општина Маврово и Ростуше побара Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на Општината поради зголемено присуство на кафеавата мечка на овие простори и опасноста што таа ја има по граѓаните.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

И денеска сончево со мала облачност

Следна објава
„Џандар збира“ најмногу играл во Тетово и Велес, одземени 90 возила во февруари

Се засилуваат полициските контроли и во Аеродром