Политиката ја превзема улогата на архитектите и урбанистите 

Со архитектот Ангел Ситновски зборуваме за состојбите во сферата на урбанизмот во градот Скопје и бројните проблеми кои се појавуваат таму…

На Скопје, преку општински ДУП-ови пак му се случува бран на нови градби, на бетонизацијата. Се предлагаат и почнуваат да се градат грандиозни висококатници во Карпош, во Центар кај ГТЦ почна реализацијата на висококатниците, во Ѓорче Петров е донесен таков ДУП... Како гледате на сето ова?

Последниве десетина години кај нас, особено во Скопје, не ни недостасуваа разноразни слични случувања, кои помалку или повеќе, резултираа во ист правец: раскинување на претходните рамки, дерегулација и дестабилизација на сите параметри во градежнижтвото и урбанизмот.

Нема јасна и јака регулатива и се се одвива по некои непредвидливи сценарија. Секако дека тоа ме загрижува! Но овие симптоми имаат пошироко значење. Ако ја прифатиме тезата за градот како просторна проекција на општеството, тогаш мораме да бидеме загрижени, затоа што сме сведоци на време во кои нашите урбани простори забрзано и неповратно го губат квалитетот, наместо да биде обратно.

Се чини како општинските и градските власти да немаат јасен став и однос кон тоа како да се урбанизира одреден простор. Можно ли е воопшто да се изградат критериумите за ДУП-овите? Како да се запре ова бетонизација?  

Ниската економска основа и немање или доцнење на планската документација во комбинација делуваат како право еколошко загадување. Како општество, а и ние како архитекти се доведовме во ситуација на потполно уништување на сето она што архитектурата како уметничко – техничка дисциплина го има во својот систем на вредности.

Без оглед на екстремностите на ова што сега се прави, очигледно е дека политиката ја превзема улогата на архитектите и нашето мислење (на архитектите и урбанистите) не се согледува како општествено потребно. За жал, она што ќе се изгради или што е изградено, се гледа. За трајното влијание врз луѓето, на нивниот животен простор и на нивните судбини, не треба ни да се зборува!

Има многу реакции и протести и забелешки, но на крајот, ништо од тоа. Има ли проблеми во процедурите за носење на ДУП-ови?

Несомнено е последиците на овие, за нас незавидни дијагнози, да се бараат во предолгата транзиција на нашето општество. Премногу политика е влезена во сево ова. Ние како општество помалку или повеќе незаинтересирано ја пратиме целава ситуација, затоа што ни се чини дека секогаш има поголеми проблеми од ова, а институциите не интервенираат затоа што се чини, или мене ми се чини дека се се наоѓа вон утврдените законски, финансиски и животни текови, да речам во некоја сива и нетранспарентна зона.

И ајде да се запрашаме кој седи во општинските совети и како одлучуваат? За интересот на граѓаните или за интересот на партиите од кои се избрани?

ПОВЛЕЧЕНИ СЕ МНОГУ ПОГРЕПНИ ПОТЕЗИ, ИМАМЕ ИНВЕСТИТОРСКИ УРБАНИЗАМ

о Детален урбанистички план за Скопје се уште не се носи, веќе доцни повеќе од една година. Според Вас, какви решенија треба да понуди тој план кога се работи за Скопје? Во кој правец според ГУП би требало да се развива Скопје, Шилегов предлагаше кон северениот дел на градот?

Предизборно време е и секако дека се прават разноразни пресметки. Ако на некоја партија, од оние вклучени во општинските совети нешто не и одговара или калкулира со нешто, нормално дека нема да го усвојат предложениот детален урбанистички план. Освен политика, приказната се сведува на темата на односот помеѓу општествениот и индивидуалниот интерес. Кој ли не е вклучен во градежништвото? Одамна имаме инвеститорски урбанизам. Повлечени се многу погрешни потези.

Со оглед на значењето на градежништвото во стопанската, а посебно во културната сфера, јасно е дека недостасува право одмерување на силите и правилно вреднување на интересите на доволно големи групи на луѓе. Една од нив е секако еснафот – преку Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Асоцијацијата на архитекти на Македонија, чие поле на делување би било посветено кон враќањето на значењето кое го заслужува. Шилегов не го сметам за стручен да предлага во кој правец би се развивал градот. Имаме навистина добри урбанисти, треба некој да ги собере и во стручна дебата да се дадат предлози и секако подоцна да се направат и изберат најдобрите планови за тоа како градот да се развива во иднина.

Претходна вестМВР ќе издава лични карти во месно надлежните полициски станици
Следна вестЕрдоган најави крај на своето владеење по локалните избори во Турција