Две лица за кои постои сомнеж дека се вмешани во убиството на лекарот од Железара се приведени, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во подкастот „Претрес”.
Преземени се 20 истражни дејствија, прегледани се над 50 камери. Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски откри нови детали околу истрагата, според која било утврдено дека мотивот за убиството не е поврзан со професијата која што ја обавувал убиениот лекар.
-Во овој момет се постапува по наредба од судија во претходна постапка и се врши претрес на одредена локација. Има осомничени за предметниот кривичен настан. Има материјални докази кои не водат до овие дејствија. Две лица се приведени и се надевам дека наскоро ќе можеме да излезе со конкретни информации. Се надевам дека во утрешниот ден јавноста ќе биде известена за овој случај, преземени дејствија на МВР како и од јавниот обвинител, рече Тошковски во подкастот.
Лекарот Ацо Трпковски беше најден избоден и искрварен на паркинг пред поликлиниката Железара на 21.03.2023. Итната помош констатирала смрт на 67-годишниот колега.
Првично беше утврдено дека жртвата имал 9 убодни рани, а скопската полиција во текот на денешниот ден утврди неколку осомничени и лица кои може да понудат сознанија за убиството.