Француската полиција го уапси Павел Дуров, основачот на Телеграм

Главниот извршен директор и основач на Телеграм, Павел Дуров, е уапсен од француската полиција на аеродром северно од Париз, пренесоа светските медиуми.

Дуров беше приведен откако неговиот приватен авион слета на аеродромот Ле Бурже, објавија француските медиуми.

Според официјални лица, 39-годишниот милијардер бил уапсен по налог за прекршоци поврзани со популарната апликација Телеграм, при што Дуров е обвинет дека не презел чекори за спречување на криминалната употреба на Телеграм.

Павел Дуров е роден во Русија и живее во Дубаи. Тој има двојно државјанство на Обединетите Арапски Емирати и Франција.

Апликацијата Телеграм е особено популарна во Русија, Украина и земјите од поранешниот Советски Сојуз.

Апликацијата беше забранета во Русија во 2018 година, по претходното одбивање на Дуров да ги предаде податоците на корисниците. Но, забраната беше повлечена во 2021 година.

Телеграм е рангирана како една од главните платформи за социјални медиуми по Facebook, YouTube, WhatsApp, Instagram, TikTok и Wechat.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во објави на Телеграм праша дали западните невладини организации за човекови права ќе молчат за апсењето на Дуров, откако ја критикуваа одлуката на Русија да „создаде пречки“ за работата на Телеграм во Русија во 2018 година.

Неколку руски официјални лица го осудија апсењето на бизнисменот.

Сопственикот на X, Илон Маск, кој се соочува со големи критики за неговата Х, постави хаштаг на една објава #freepavel, а во друга напиша: „POV: Во Европа е 2030 година и те погубуваат затоа што лајкуваш меме“.

Претходна вестУпис на УКИМ на 29 и 30 август, на ФИНКИ слободни 1.020 места…
Следна вестСообраќајка кај Ростуше, повредени седум лица