Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, во пресрет на викенд-дуелот против Вест Хем се осврна и на шпекулациите поврзани со неговата иднина на клупата на актуелниот англиски шампион. Откако во јавноста се појавија информации за можен наследник следната сезона, Гвардиола со доза на сарказам порача дека од клубот ќе си замине дури кога ќе наполни 75 или 76 години.
„Секогаш во одреден период од сезоната ме прашувате за мојата иднина во клубот. Така што, на 75 или 76 години ќе заминам од Манчестер Сити. Имам уште 18 месеци од договорот. Среќен сум и возбуден поради напредокот на тимот“, изјави Гвардиола.
Шпанскиот стратег, кој има 54 години, е на клупата на „граѓаните“ од 2016 година. Во тој период освои шест титули во Премиер лига, една во Лига на шампионите, два ФА купа, четири Лига купа, како и трофеи на Светското клупско првенство и Суперкупот на УЕФА.
Во моментов, Манчестер Сити се наоѓа на второто место на табелата, со два бода помалку од лидерот Арсенал.




