Град Скопје најавува крај на долгогодишните практики со кои системски биле уништувани јавните претпријатија. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информираше дека е во тек обемна акција за откривање неправилности, при што веќе биле утврдени загуби од најмалку 1,5 милиони евра во ЈП „Комунална хигиена”, како и сериозни финансиски дупки во ЈП „Водовод и канализација”.
Според него, во „Комунална хигиена” со години не биле впишани над 130.000 квадратни метри површини за наплата на ѓубретарина, најчесто во индустриски зони, што довело до изгубени приходи. Слично било и со „Водовод и канализација”, каде што се откриле случаи на злоупотреба на вода, поставување двојни водомери и нерегулирани состојби, што директно придонеле за загубите на претпријатието.
Ѓорѓиевски смета дека овие практики ќе бидат прекинати со воведување електронска база на податоци, вкрстена со Катастарот, и дека секој иден обид за злоупотреба ќе биде строго санкциониран.
Но, иако откривањето на неправилностите е чекор напред, сепак се наметнува клучното прашање: дали некој ќе сноси одговорност загодините на толерирани злоупотреби и милионските загуби? Дали штетата ќе биде надоместена од оние што ја предизвикале, или повторно сметката ќе му биде испорачана на народот преку повисоки сметки и нови трошоци?




