Поминува и првата недела од февруари, а во Македонија нема опиплива скијачка сезона. Многумина би рекле дека тоа е поради немањето на доволно снег. Но, дали тоа треба да е оправдување и тоа со години?
Повеќето зимските центри во државите околу нас функционираат, нудат добар зимски туризам и имаат снег – вештачки ако треба. Македонските граѓани со години одат таму, иако Македонија има најмногу планини и можности за развој на оваа стопанска гранка која ќе носи вработувања и приходи.
Додека во Бугарија, Србија, па дури и Грција се гради и развива зимскиот туризам, кај нас со години само се планира како некогаш во иднина ќе се развива зимскиот туризам.
Па така денове се одржа конференција – работилница за изработка на физибилити студија за изградба на гондола на Пелистер. Се беседеше за идните планови како да се направи жичара. Многу убави анализи и планови направија. Ама, во меѓувреме веќе поставената жичара од пред многу децени плаче за реновирање и никој тоа не го гледа.
Слично е во Маврово, Попова Шапка и Пониква. И за таму се организираат конференции и се прават планови. Ама, не се скија на физибилити студии, туку на средени патеки и снег. А само низ годините по малку да се издвојуваше од буџетот, до сега ќе имавме поарни зимски туристички центри.




