Има извесни подобрувања во македонското здравство, но има и големи недостатоци за кои нема место за оправдување.
Еден таков пропуст дури доведува и до крајно апсурдна ситуација – да го молиме карциномот сега да не се шири кај болните оти здравствениот систем треба да се искоординира и да ги среди тендерите за набавка на лекови.
Додека институциите подготвуваат анекси, нови јавни набавки и како што велат „во најскоро време” решенија, пациентите чекаат и бројат пропуштени терапии кои им се неопходни за лекување на тешката болест.
Клиниката за онкологија со денови уверува дека состојбата се стабилизира, но истовремено признава дека за дел од терапиите се уште се чека тендер.
Да, исправно е набавката да оди преку тендер, за разлика од многу примери од минатото кога се договараа во четири очи, но не е исправно нова набавка да се распишува кога веќе се потрошува залихата на старата.
За ова треба планови и навремено проектирање на потребни лекови. Зошто тоа не е направено? Кој не си ја завршил работата како што треба. Ќе има ли одговорност за тоа?
Малку ли беше аферата која се уште се влече по судовите кога поранешниот директор и доктори од Онкологија на пациентите им давале „терапија без лек”, а заштедените дози ги продавале на приватно на пациенти од Косово.
Болните од карцином имаат потреба од лекување веднаш, а не да зависат од некој директор или административец што не си ја завршил работата.



