Зборовите и поздравувањата со „Христос воскресе – вистина воскресе“ од ноќеска на полноќ одекнуваа по храмовите на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија исполнети со бројни верници. Граѓаните се поздравуваа, кршеа велигденските јајца, учествуваа во опходите на храмовите, присуствуваа на богослужбите, држеа запалени свеќи, упатуваа молитви за здравје и благосостојба со кои традиционално се одбележува еден од двата најголеми христијански празници – Воскресението Христово – Велигден.
Чинот на воскреснувањето на Исус Христос, третиот ден откако бил распнат на крстот, во христијанската религија се смета како непосреден доказ за вистинитоста на оваа религија.
По традиција, најмногу верници се собраа пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје каде со службата началствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. По храмовите се читаше и неговото послание упатено до народот и свештенството.
Овој празник ја симболизира победата на животот над смртта. Во преданието е наведено дека Господ Исус Христос пострадал откако бил распнат на крст. Неговото тело потоа било положено во еден гроб кој бил затворен со карпа. За воскресението се дознава во мугрите во неделата, кога жените кои дошле да го помазаат телото со миризливи масла. Но тие нашле само празен гроб, а ангелот им ја кажал вистината: „Зошто го барате живиот меѓу мртвите? Тој не е овде – воскресна; сетете се како ви рече кога беше уште во Галилеја, говорејќи дека Синот Човечки треба да биде предаден на луѓе грешници и да биде распнат и на третиот ден да воскресне… Истата вечер Исус им се јавил на своите ученици и потоа во наредниве 40 дена кога се вознесол на небото.
Подоцна апостол Павле ќе зборува: „Ако Христос не воскреснеше, ќе беше залудна вашата вера, ќе беа залудни вашите надежи, зашто ќе верувавте и ќе се надевавте напразно“.
Верниците во разни краишта на Македонија на посебен начин го чествуваат денешниот голем празник. Подготвување на посебна велигденска трпеза е насекаде значаен чин кога на иста маса го собира целото семејство. И тогаш се кршат и прво се јадат велигденски јајца, кои се најчесто со црвена боја, па потоа другото јадење кое е најчесто јагнешко месо. Гостите кои ќе дојдат во домот на Велигден се даруваат со јајца. Исто така, јајца се даруваат и кога се оди на гости.
Велигден е центар на повеќе празници познати како празници со непостојан датум или како циклус велигденски празници. Според правилата, Велигден е секогаш по пролетната рамнодневница во првата недела по полната месечина. Секогаш е во недела, но не смее да се совпадне со денот кога Евреите го празнуваат Пасха, ниту да биде пред него.






