Во голем руски напад врз Киев синоќа загинало едно лице, а 16 се повредени. Спасувачките екипи извлекле десет лица од урнатините на делумно срушена зграда, додека масовните напади кои траеле цела ноќ.
Нешто пред 1 часот по полноќ украинските воздухопловни сили издале воздушна тревога за целата земја, предупредувајќи дека Русија подигнала бомбардери МиГ-31 и дека постои закана од балистички ракети. Началникот на киевската воена администрација, Тимур Ткаченко, алармирал дека кон главниот град се движат голем број руски дронови, а најавил можност и за ракетни напади.
Првите експлозии во Киев се слушнале околу 3 часот наутро, по локално време, додека системите за противвоздушна одбрана се обидувале да ги соборат дроновите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека во населбата Днипровски остатоци од соборен дрон предизвикале пожар на покрив на петкатна зграда, додека во Холосијевски делови од дрон паднале на улица. Во Оболонски, дрон погодил 12-катница и предизвикал пожар, а оштетени се и деловна зграда и паркинг. Погодена е и недовршена зграда од 25 ката.
Најтешко било во населбата Дарницки, каде дел од станбена зграда се урнал. Државната служба за вонредни состојби потврди дека од таму се спасени десет лица. Во Соломјански, пак, се запалил автомобил по пад на остатоци од дрон.
Ноќниот ракетен напад следел по целодневни руски удари со дронови. Вчера руските сили извеле комбиниран напад со околу 800 дронови во неколку бранови. Нападнати биле градови низ цела Украина, вклучително и западни региони кои ретко се цел на удари.





