Приказната за Интернационална музичка револуција е новата европска опера што се појави за време на долгите месеци на пандемијата и изолацијата во европскиот триаголник Скопје-Лондон-Париз. Автор е македонскиот писателот Јордан Плевнеш, музиката е на македонскиот композитор Панде Шахов, кој живее во Лондон, а диригент и ко-продуцент е францускиот музички уметник Паскал Галоа, директор на Конзерваториумот Моцарт од Париз.
Имено, станува збор за опера поврзана со вистински настан. Околу 1780 година по катастрофалниот земјотрес во Лисабон во 1755 година, во којшто градот е целосно уништен и има огромен број жртви, маркизот до Помбал кој е градител и реконструктор на главниот град на Португалија, а е член на истата масонска ложа со Волфганг Амадеус Моцарт во Виена, се обратил до неговите виенски колеги со барање да му помогнат во откривањето на 6000 подводни столбови на кои ќе се гради Новиот Лисабон.
Во истата масонска ложа со Моцарт членува и баронот Константин Бели, со потекло од Охрид. Тој предлага 6.000 бели борови од македонската планина Кожуф да пристигнат од Солун во пристаништето во Лисабон. Заедно со бродот во Лисабон ќе допатува и неговата внука од Охрид, Ефимија Бели, која ќе има средба со Моцарт во Виена, и ќе му отпее дванаесет македонски песни кои спаѓаат во врвот на балканската музичка меморија. Тоа е време на различни револуции и терор на сите меридијани.
По смртта на Моцарт, веднаш по Француската револуција, баронот Константин Бели и неговата внука формираат една меѓународна вокална група која ќе ја проповеда новата религија, дека светот може да биде спасен само од музиката – International music revolution IMR. Во операта се појавуваат голем број реални личности од балканската, европската и светската историја.