Грабежот при основен долг од 1.000 денари нараснат на 80.000 денари продолжува

Со Ана Глигорова, активист за граѓанските права и член на од граѓанската иницијатива „Стоп за извршителите“ зборуваме за тоа дали се надмина проблемот со извршителите и присилната наплата, како и за долговите што ги имаат граѓаните…

На почетокот на годинава се донесоа измените во Законот за извршување. Дали со тоа се решија проблемите или проблемите и натаму останаа?

-Во контекст на измените кои беа донесени во закон за извршување, најновите, пред да се случи пандемијата, се направи мало помрднување, благодарение на протестите и иницијативите кои ние од граѓанскиот сектор ги придвиживме. Дел од промените во законот кај граѓаните донесоа извесен оптимизам, посебно промените кои се однесуваа на висината на одбивањето на делот од платата или пензијата кој од една третина, според овие промени станува една петтина. Секако, овие промени се однесуваа само за тие плати/пензии кои се во износ до просечната вредност. Сепак, сведочам, како граѓански активист дека на голем број луѓе им се одбива по стариот закон една третина. Второ, репрограмирањето на побарувањата оди многу тешко на терен, граѓаните се жалат на огромни виртуелни суми, кои немаат допирна точка со реалноста. Мафијата во системот на наплата се уште царува во оваа  држава. Се наплаќаат некакви побарувања кои се одамна застарени , со огромна, неконтролирана камата. се наплаќаат преку разни агенции за наплата, чисти рекетарски друштва кои не бираат ни време кога се јавуваат кај граѓаните и им се закануваат со извршување. Криминалниот синџир на наплата владее преку монополите, нотарите, адвокатските здруженија, банките и извршителите. Секако, се е ова дозволено од страна на државата. Грабежот од основен долг од 1.000 денари нараснат на 80.000 ден продолжува. Промените во законот голем дел на граѓаните не ги чувствуваат како олеснување. Грабежот е “закон”.

Кои проблеми сега се најприсутни, со какви апсурди се соочувате?

-Застарени долгови, кои во ниту една друга цивилизирана држава веќе не постојат тука се наплаќаат со огромни измислени, напумпани камати, кои ниту се лимитирани, ниту се зборува за тоа јавно. Самото наплаќање на по седум – осум пати  поголема сума од главницата е криминал. Бидејќи, наплатата е вонсудска, граѓанинот нема можност да докаже дека е онеправдан, ограбен, бидејќи правдата не лежи во нотарскиот налог, кој нема никаква допирана точка со судската власт. Доставата е посебна крими приказна, колкумина ми се пожалиле дека никогаш не примиле пратка. Тогаш, кој се потпишал на пратката? Има индиции за антидатирање на налози. Извршителите напаѓаат групно, по неколкумина, што не е според закон, неретко луѓето се доведуваат во животозагрозувачка состојба, што е спротивно на Уставот. Остануваат без единствено место на живеење, без основна егзистренција. Блокирањето на сметки е таков противуставен чин.

Како тие проблеми би требало да се решат, според Вас?

-Пред се да се почитува Уставот  и Декларацијата за човекови права. Се е прекршено во овој  смртоносен систем на наплата на побарувањеата. Ревизија на работата на извршителите, но и на нотарите и доверителите, и на тие кои се под државна капа, но и тие кои имаат доминантна приватна сопственост. Извршителите да бидат дел од судската власт, да работат на плата, не како еснаф, кој оваа работа ја работи само за профит, со што имаме создавање на монополи, што е спротивно на Уставот. Пред се, и на над се да се вратиме на основните човечки вредности, хуманоста и солидарноста. Македонија само на хартија е социјална држава, но со овој фашистички систем на наплата ние сме сведоци на уништување на животите на стотици илјади луѓе. Нови, социјални мерки, кои под итно треба да се воведат, и кои би ги осмислувале луѓе кои поседуваат пред се емпатија, а потоа и мудрост.

Како системски да се постави оваа област. Како да се задоволи потребата на државата да се плаќаат сметките и да се обезбеди граѓански дигнитет?

-Од овој систем на наплата штета имаат граѓаните, и суверенитетот на државата произлегува од нив. Замислете си живо тело во кое главните артерии се запушуваат со години, и тоа е постојано во прединфарктна состојба. Во таква состојба е нашето општество. Ако граѓаните се во длабока финансиска криза, блокирани, формално вработени со плата во висина на џепарлак, со измислени долгови десет пати повеќе од основниот, таа држава е нефункционална, атрофирана, неупотреблива. Потребен е рестарт на системот на наплата и тоа со крупни промени. Човекот треба да се постави над профитот на малкумина, а тоа може само со правични закони и силни социјални мерки.

 

Претходна вестЧаирскиот градоначалник Ганиу до Шилегов: Ја разбираме вашата возмениреност пред избори
Следна вестСообраќајка со три возила, загина едно лице, неколкумина се тешко повредени