„Скопско Ехо“ праша што мисли поранешниот долгогодишен прв парламентарец, Стојан Андов за бугарскиот меморандум упатен до земјите членки на ЕУ во кој се тврди дека Македонците се проект на Тито, а македонскиот јазик не постоел до 2 август 1944 година:
-Бугарскиот Меморандум е резултат на внатрешните политички потреби во Бугарија иако на сите ни е јасно дека тој нема основ. Таму наскоро треба да се случат изборите и постои закана дека ќе падне актуелната Влада. Заради тоа се заземаат позиции на сметка на Македонија. Самиот Меморандум е спротивен на духот на европската идеја, на ЕУ и мислам дека тој нема да има некој долгорочен ефект.
Ова е обид за дестабилизација на нашата земја и кај нас да се пренесе внатрешната ситуација од Бугарија.
Ние како земја не треба да одговараме на ова со кавги туку да поведеме објаснувачка активност. Нашите функционери – претседателот на државата, премиерот, министерот за надворешни работи, амбасадори треба да се активираат и да направат што повеќе посети на европските земји. Мислам дека е посебно важно да се направат контакти и средби во Франција, во Италија за да се објасни дека ова не смее да биде пречка за нашата евроинтеграција. Ја имаме поддршката на повеќе други земји – на Словенија, Хрватска, Чешка, Германија.. на многумина им е јасно за што се работи, истакна Андов.