Пазарување додека трае пандемијата: По еден купувач на 10 квадрати, ред и дезинфекција

Во продавниците на мало може истовремено да пазарува најмногу по едно лице на површина од секои 10 метри квадратни, а во објектите помали од 10 метри квадратни, може да пазарува само едно лице.

Сопствениците треба да обезбедат ред и дисциплина при влез и во внатрешноста на објектите, да обезбедат редарска служба за да се запази минимум потребното растојание помеѓу купувачите, да обезбедат дезинфекција за раце при влез во објектот, да постават соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување минимум потребното растојание при чекање ред на лицата пред и во објектот, како и да обезбедат заштитна опрема (маски и ракавици) за вработените.

Ова го предвидува Предлог-законот за дополнување на Законот за трговија со кој правно се регулираат мерките за превенција од ковид во продавниците на мало, кој вчера го помина првиот филтер во собраниската Комисија за економски прашања.

Предложените измени се всушност мерките кои се предвидени во Уредбата со законска сила за време на вонредната состојба, но со нејзиното престанување на 9 јануари годинава за да се обезбеди нивната примена без временски ограниченувања, односно додека трае пандемијата, тие се внесуваат во Законот за трговија.

Претходна вест56 случаи со британскиот сој во осум града во земјава, најмногу во Охрид
Следна вестОд попладнево, повторно со воз од Скопје до Кочани