Кејот „13 Ноември“ зад ГТЦ е во многу лоша состојба подолго време. Подолго време траеја и ветувањата од локалните власти дека сето тоа ќе се среди.
Еве денеска се обзнанува дека има нови планови и ветувања. Имено, на повидок е компромисното решение за непречен почеток на реконструкцијата на кејот. Кафеанџиите се согласиле да ги тргнат поставените тераси од средината на кејот, а по реконструкцијата за возврат градските власи ќе им дозволат плус два метри во делот пред објектите. Ова било договорено минатата недела на средбата меѓу градоначалникот Петре Шилегов и газдите на кафулињата на кејот а што беше најспорното прашање кое можеше да ја искомплицира најавена реконструкцијата.
Се надеваме дека овој пат навистина ќе почне најавената обнова на еден од најпосетените делови од Скопје.
За жал, сликата таму сега е многу грда: нехигиена, искршена урбана опрема, диво паркирани возила, прометна улица со многу дупки која од хотелот „Холидеј ин“ води до зградата на „Телеком“, големи бари кои се создаваат по секој дожд, импровизирани тераси на кафеани…
Добра е идејата овој простор да добие нов лик, да се ослободи средишниот простор, да се постават новите плочки, 72 смарт клупи, жардинери, нови јавори… Меѓутоа, останува улицата по која сега сообраќаат многу автомобили, иако се ветуваше дека ќе се воведе ред. Морало да се обезбеди пристап до објектот на “Телеком“ преку кејот. Градоначалникот Шилегов денеска изјави дека тука со реконструкцијата ќе се среди хаосот.
-Веќе нема да имаме хаос од тераси, веќе нема да имаме хаос од возила и нема да има девастиран простор, напротив просторот да стане едно најубавите места во нашиот град, за прошетки и поминување на слободно време на граѓаните, рече Шилегов за ТВ Канал5.
Значи, по улицата и натаму ќе поминуваат возила кои ќе имаат дозволен пристап. А разликата сега ќе била во тоа што се ќе биде „строго контролирано“. Па зарем и до сега не можеше се да биде контролирано и да се спречеше кој посака да си вози и паркира во кејот?
Таму владееше хаос и безредие при што актуелните градски власти никако не можеа да воспостават контрола. Оттаму, стравувањето е дека и по целосната реконструкција на кејот за што ќе се платат многу пари за 5-6 месеци да не се врати истиот сегашен хаос. Односно, се да се сведе на менувањето на плочките и клупите, а граѓаните пак да гледаат грди слики и многу автомобили на овој градски простор.