2.964 лица конкурирале за полицајци, за Спасовски тоа е доказ дека МВР има позитивен имиџ

На последниот јавен оглас за полицајци се пријавиле вкупно 2.964 кандидати, од кои 2.365 се мажи, а 599 жени. Ова го соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој денеска го посети Центарот за обука во Идризово, каде што почна процесот на фазна селекција на пријавените кандидати за полициски службеници.

-Оваа бројка што е далеку поголема од бројката од претходниот јавен оглас, кога имавме вкупно 2.391 пријавен – доволно говори како за евидентниот интерес кај младата популација за полициската професија, така и своевидниот позитивен имиџ што нашето министерство го има меѓу оваа категорија граѓани, кажа Спасовски.

Тој истакна дека ова е добра можност заедно со колегите одговорни за спроведување на целокупната селективна постапка, покрај непосредниот увид во истата, јавноста, транспарентно и одговорно да се информира за сите важни детали и поединости поврзани со изборот на идните, нови полициски приправници.

– Сите овие млади луѓе во рамки на сеопфатниот концепт на проверки ќе минат најпрво физички, а потоа и психолошки проверки, па проверки на знаењата и безбедносните и здравствени контроли, притоа почитувајќи ги и нужните епидемиолошки, односно здравствени протоколи, така што до крајот на месец март, односно почетокот на април веќе ќе биде заокружен цел тој селективен процес со прецизно бодовно рангирање на сите кандидати, објасни министерот.

По ова ќе следи процесот на избор на 660 кандидати кои ќе бидат упатени на основна обука за полицаец, со потпишување  договори за отпочнување на едногодишната обука за полицаец.

Претходна вестЃорге Иванов сведочеше за 27 април: Небулоза е дека сум сакал да прогласам воена состојба
Следна вестКако домеинот vaksajsn.mk создаде забуна со vakcinacija.mk