Барем Универзална сала си доби датум…

Универзална сала да можеше да плаче до сега ќе дехидрираше од течењето на солзи. Се и ветуваа, ништо со години не и направија.

Ама готово е со неизвесноста, сега има нова најава. Градежните активности околу реконструкцијата на Универзална сала ќе започнеле во мај, а таа ќе го задржела својот постојан габарит и автентичен изглед. Ова го кажа денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Во присуство на премиерот Зоран Заев тој рече дека за ова Владата одвоила два милиони евра.

Универзална беше, е и очигледно останува омилена културна институција на многумина скопјани. Идејата да ја сочуваме во постојната форма и локација дојде по опсежна и отворена дебата и недвосмислено изразување на волјата на јавноста. Наш приоритет е да ја отвориме оваа сала во нејзиниот полн капацитет во текот на оваа година. На 8 март ќе ја примиме донацијата на изведбениот проект, со што ќе има услови за распишување на тендерската постапка и во текот на мај очекувам да почнат градежните активности, рече Шилегов.

Реконструкцијата ќе биде во две фази – во првиот дел ќе се опфати надворешната реконструкција на Универзалната сала, а во втората фаза ќе биде внатрешното уредување. Меѓудругото, ќе има и намалување на бројот на седишта, а според планот капацитетот би бил од 1 100 до 1 200 седишта.

Инаку, ова е нова најава за конкретен датум за реконструкција на оваа сала. Шилегов од 2018 година даваше повеќе најави за нејзина реконструкција. Лани беше актуелна и неговата идеја таа да се урне но под притисок на јавноста тој се откажа од намерата. Ветување даваше и претходниот градоначалник.

Шилегов денеска рече дека одлуката за реконструкцијата на Универзалната сала не значи и откажување од идејата за изградба на нова концертна сала во Скопје.

Претходна вестНови 12 лица обвинети за лажни ПЦР тестови
Следна вестЗаев тврди: Авансот за вакцините ни го вратиле зашто сме го уплатиле порано од што требало