Делегации на повеќе државни институции, на политички партии и на здруженија на граѓани денеска му оддадоа почит на македонски револуционер Гоце Делчев на одбележувањето на 118-годишнината од неговата херојска смрт. Во чест и сеќавање на Делчев, делегација од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски предводена од генералниот секретар Миле Бошњаковски, денеска положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас”. Пендаровски лично не се појави на чествувањето туку објави порака на социјална мрежа Фејсбук.
– 118 години од смртта на водачот на македонското револуционерно националноослободително движење, напиша кусо Пендаровски.
Го немаше ниту премиерот Зоран Заев. Во име на Владата почитта кон Делчев ја искажаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со министерката за култура Ирена Стефоска и министерот за финансии Фатмир Бесими. Премиерот Заев во објавата на својот профил на социјална мрежа Фејсбук напиша дека „името и дејноста на Гоце Делчев се вплетени во македонската историја“.
-Тие се синоним за една автентична и искрена борба и пожртвуваност, како синоним на македонската државност кој има најголема моќ во паметењето на Македонците. Денеска, на денот на загинувањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, го чествуваме како инспиратор и апостол на македонската револуционерна организација која се бореше за остварување на историската идеја за правото на Македонците да го остварат вековниот сон за своја самостојна државам напиша Заев.
Цвеќе положија и потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и пратеничките Даниела Маркоска и Велика Стојкова – Серафимовска. Почитта ја оддаде и делегацијата на Сојузот на борците.
Во има не ВМРО-ДПМНЕ цвеќе положи Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на партијата.
– Се поклонивме пред човекот кој што беше визионер и човекот кој што уште во 19-ти, 20-ти век размислуваше за автономија и за самостојна македонска држава. Ние знаеме дека Гоце Делчев беше човекот со луѓето од револуционерната организација, македонската револуционерна организација кој што во секој македонски дом направи револуционерно огниште, изјави Сајкоски.