Не сака пирамиди, сфинги… а ни галии, Шилегов „фараонски“ ќе го урива „Сидро“

Денеска Град Скопје продолжува со уривањето на галијата „Сидро“. Судот стопираше затоа што сопственикот, инаку бугарски државјанин го тужеше Градот, ама сега постапката е ослободена па Шилегов соопшти дека уривањето ќе си тече.

Сопственикот на „Сидро“ нема намера да се повлече од судска разрешница, па првото рочиште е закажано за 7 јули. Шилегов самоуверено тврди дека тој лично ќе го застапувал Градот, но и дека сите основи за уривање биле исполнети бидејќи сопственикот не платил 3 кирии.

Статистички ако се погледне, ова ќе биде второ отстранување или уривање на објект за време на мандатот на Шилегов, после споменикот на Ќосето – наспроти ниеден ветен а нереализиран капитален проект. Колку за потсетување, скопјани се уште ги чекаат Гасификација, Град без смог, Тунел под Кале, Универзална сала, ревитализација на Треска, две нови гимназии, пешачка зона Мал Ринг, зелен коридор Серава, пошумување на Водно, уредување на Аквадуктот, Луна парк, спуштена раскрсница кај „Мавровка“, колекторски систем, Централен сервис за комунални проблеми, нов мост во Ѓорче Петров на „Илинденска“, кружен тек во Сарај, овошје во школи… Прашање е само дали овие проекти ќе останат „закопани“ во изборната програма или ќе се реализираат до крајот на мандатот кој наскоро му истекува? Или со нив ќе бара нов мандат?

Пред извесно време скопскиот градоначалник на новинарско прашање кој е капиталниот проект што го реализирал во неговиот мандант како градоначалник, а не е асфалт, тој одговори дека не практикува во политиката да употребува популизам.
– Мислењето дека кој било градоначалник треба да гради капитални проекти е фараонско размислување. Ние не сме фараони да градиме пирамиди во своето владеење, ние сме градоначалници избрани да раководиме со градот, истакна Шилегов кој додаде дека „басрапид транзитот е корисен за иднината на градот Скопје“.

Фараонски не е да се гради, но можеби фараонски е да се урива ако судиме според логиката на градоначалникот. Оти не се урива се додека не заврши целата судска постапка. Тоа е правна држава, а адвокатот Шилегов веројатно таа лекција ја научил меѓу првите.

Претходна вестУбава идеја (ФОТО): Во парк во Ново Лисиче жителите на видео-бим го следат ЕУРО2020
Следна вестСончево и потопло со температури до 31 степен