ВМРО-ДПМНЕ се согласува да нема праг за потписи за кандидирање на независните листи

За ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо и воопшто да нема праг за тоа колку потписи за независна листа да поднесе кандидатура на локалните избори. Според лидерот Христијан Мицкоски, за опозицијата е прифатливо и кое и да е решение за отворените листи.

-Сè што мислат дека треба да биде во насока на добри, фер и квалитетни демократски избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати. Не сакале отворени листи, прифаќаме – нека нема отворени листи. Сакаат од два да намалат на еден – ете и нека нема праг, ако мислат дека така треба, изјави Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека во преговорите за измените на Изборниот законик, предлогот за зголемување на прагот за независните кандидати дошол од власта, на што тие како опозиција се согласиле само за да има фер и демократски избори. Исто било случај и со барањата за отворени листи.

-Помалите партии бараа отворени листи. ВМРО-ДПМНЕ се согласи. Потоа се предомислија, ВМРО-ДПМНЕ повторно се согласи. Од страна на власта, исто така, се побара да се зголеми прагот на оние листи на кои им се потребни потписи за да ја истакнат својата кандидатура. Бидејќи тоа беше барање од власта, ВМРО-ДПМНЕ само за да има фер и демократски избори и на тие преговори рече „како вие мислите, така ќе прифатиме“. Потоа гледаме дека помалите коалициски партнери ретерираа од тој став. ВМРО-ДПМНЕ изрази разбирање за ставот на помалите политички партии, го поддржа и ставот на ВМРО-ДПМНЕ беше ’нека се договорат во владината коалиција, сè што тие ќе се договорат ние ќе прифатиме, вели Мицкоски.

По бурните реакции во јавноста за предлог-измените кои предвидуваат дека независните листи за советници за да поднесат кандидатура треба да соберат потписи од два отсто од гласачите во општината каде сакаат да се кандидираат, вчера и премиерот Зоран Заев најави дека ова решение ќе биде променето, прагот ќе се симне на еден отсто или ќе биде отстранет целосно.

За ова прашање реагираше и претседателот Стево Пендаровски, кој јасно порача дека нема да потписи закон кој предвидува праг од два отсто.

Претходна вестД-р Беќаровски: Од 10 август не очекува неконтролиран раст на ковид случаи
Следна вестМВР: Вчера казнети 327 возачи, 107 биле пијани