Аеродромска улица нема среќа пак да види градежни работници

Скопската општина Аеродром секогаш се фали дека е најурбанизиран дел од Скопје. Арно ама во општината си има многу фалинки кои не се за фалење.

На пример, реконструкцијата на улицата „Васко Карангелески“ во скопски Аеродром се уште стои во место. А беше почната уште во времето на градоначалникот Петре Шилегов. Што се чека, ќе побрзаат ли со реконструкцијата сегашните градоначалници на Скопје и Аеродром?

Пред десетина дена, граѓаните повторно се спротивставија на намерите да се тргнат околу шеесетина помали и поголеми дрвја за да се прошири улицата. Преку граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“, која има двајца советници во Градот Скопје, се постигна договор граѓаните да се изјаснат околу планот којшто го имаат „Паркови и зеленило“ околу дрвјата и зеленилото на оваа улица. Тогаш беше договорено и закажување на средба, оставање на простор од 15-тина дена за да граѓаните го разгледаат изведбениот проект и да се дојде до решение со кое тие ќе се согласат.

Договорените рокови течат, а реконструкцијата на улицата стои во место. Доколку граѓаните побараат поголеми промени во основниот проект тоа, сигурно, ќе значи ново одложување, потреба да се изработи нов проект, со нова траса, можеби нови проблеми со навлегување во нечии имоти и слично… Но, како што сега стијат работите, ако се сака да се сочува зеленилото тогаш ќе бидат потребни промени во трасата.

Со сето ова, оваа улица како да станува пример како не треба да се тргнува во изградба на сообраќајници во градот. Tаа почна да се гради во времето кога скопски градоначалник беше Шилегов и кога беше најавено дека ќе се работи без проблеми. Но, тогаш се чини не се повело и сметка за мислењата на граѓаните кои сакаа да си го сочуват зеленилото. Доколку претходно се водеше сметка за тоа сигурно дека сега немаше да се дојде во ситуација проектот да се менува кога веќе се почнати градежни работи. Сега работите ем што доцнат ем сигурно ќе излезат поскапи.

Сепак и сегашните градоначалници треба да се побрзи. Кога аеродромци ќе имаат среќа пак да ги видат градежните работници наместо раскопаната и напола направена улица?

 

Претходна вестВо вчерашната голема акција на МВР, уапсени 4 лица
Следна вестДемолирана и запалена канцеларијата на директорот во студентскиот дом „Пелагонија“