Во Македонија во просек годишно десетина велосипедисти го губат животот во сообраќајни незгоди, предупреди денеска Републички совет за безбедност на патиштата и сообраќајот.
Во обраќањето по повод на Европската недела на мобилност РСБСП се наведува и тоа дека според податоците на релевантни меѓународни организации, на светско ниво, 2 отсто од загинатите лица во сообраќајни незгоди се велосипедисти. Најчести смртоносни повреди кај велосипедистите се повредите на глава.
–Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, велосипедист кога учествува во сообраќај треба да носи заштитен шлем односно кацига, но законот не предвидува никаква санкција доколку велосипедистот не користи заштитен шлем односно кацига. Една од причините зошто законот не предвидува задолжително користење на заштитна кацига е фактот што голем број на велосипедисти, а исто така и Европската велосипедска федерација сметаат дека доколку користењето на заштитна кацига е задолжително и доколку не користењето на заштитна кацига се санкционира, тогаш значително ќе се намали бројот на лица кои користат велосипед како сообраќајно превозно средство и на тој начин ќе се изгубат сите придобивки кои ги носи користењето на велосипедот како превозно средство, се наведува во обраќањето.
Но, РСБСП укажува на добрите страни на носењето на заштитна опрема од страна на велосипедистите.
-Заштитна кацига штити од повреди на глава. Според меѓународни истражувања, при сообраќајна незгода со велосипед од 22 проценти до 47 проценти од велосипедистите се здобиваат со повреди на главата. 75 проценти од загинатите велосипедисти во сообраќајни незгоди се поради здобиени повреди на глава, укажува Советот.
Една од причините поради коишто страдаат велосипедистите во сообраќајот е тоа што возачите не ги забележуваат навремено велосипедистите.
–Со носењето на заштитна кацига со светла боја и рефлектирачка површина видливоста на велосипедистот е многу поголема, предупредува Советот.